ФОТО: Ни жештините не се пречка за предизборно чистење на скопското Кале
Денеска на запуштеното скопско Кале проработеа косилките и греблата, а просторот се чистеше и од ѓубре. Активностите на Калето, кое е официјално затворено за посетители цели 14 години, и за кое во изминативе години никој не се грижеше, очигледно ги размрда наближувањето на локалните избори.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Таму денеска се појави министерот за култура Зоран Љутков заедно со директорката на Управата за заштита на културно наследство, Весела Честоева, како и претседателот и претставници од ЗЕЛС, односно петте актуелни градоначалници на скопските општини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои се кандидати за нов мандат, меѓу кои и кандидатот за иден градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

За акцијата која се одвива во најжешкиот ден ова лето, Честоева објасни дека е дел од планот за ревитализација на Калето, но објаснување зошто оваа акција се спроведува токму денеска никој од присутните не даде.

Минатата есен министерот Љутков и директорката на Управата беа во посета на Калето и увидоа во каква ужасна состојба е, и тогаш беше најавено дека просторот ќе се отвори за посетители пролетва, но тоа не се случи. Новата најава е дека во употреба ќе биде пуштено во 2026 година.
– Двата музеи се во многу лоша ситуација, ќе треба целосно обновување на целата механизација внатре што ја има и на климатизацијата, направивме план и со ребалансот на буџетот обезбедивме 8 милиони денари коишто ќе бидат искористени до крајот на годината. Веднаш ќе пристапиме во распишување јавна набавка за поправка на овие простори, а подоцна и со реализација на целиот овој огромен проект, којшто ќе треба од 2026 година да биде пуштен во употреба. Целта е 2028 година кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата овој простор да биде еден од најискористените – рече Љутков.

Тој се пожали дека побарал од Град Скопје и од ЈП „Паркови и зеленило“ да помогнат во чистењето, но не добил одговор, но затоа веднаш реагирале од ЗЕЛС, веројатно чувствувајќи потреба да објасни зошто на терен се присутни само градоначалниците на скопските општини од ВМРО-ДПМНЕ.

Директорката Честоева посочи дека Управата за заштита на културно наследство, која е инвеститор на музеите, ја подготвила техничката документација и во наредниов период ќе се распише тендерот за да може да се отпочне со работа.
ФОТО+ВИДЕО | Прошетка на Калето на сопствен ризик, нема кој ниту тревата да ја искоси
Ѓорѓиевски пак истакна дека преку состојбата на скопското Кале може генерално да се види и состојбата во Скопје, но и тоа како ја третираме историјата. Тој посочи дека после локалните избори Калето и сите други историски споменици во градот ќе имаат посебен третман.



