ФОТО: Неврохирурзите барале лекување во странство за доктор Ѓорги Јота, а не рехабилитација

Фото: Д-р Ѓорѓи Јота/ Приватна архива

Хирургот д-р Ѓорги Јота, кого пред неколку месеци го прегази малолетник без возачка дозвола на пешачкиот премин пред Клинички центар, од страна на ФЗОМ е одбиен за болничко лекување, а не за рехабилитација.

Доктор Јота се упатил да посети пациенти кои ги оперирал претходниот ден, но на пешачкиот премин пред клиниката, со огромна брзина во него удрил малолетникот со возило марка БМВ по што тој заврши во тринеделна кома. Од документите до кои дојде редакцијата на „Слободен печат“ евидентно е дека конзилиумот на Клиниката за неврохирургија до Фондот за здравство упатил барање односно предлог за лекување во странство, на 20 мај 2021 година, потпишан од тројца неврохирурзи меѓу кои професор доктор Александар Чапароски, асистент доктор Благој Шунтов и асистент доктор Томи Камилоски.

Сите тројца се согласиле дека на нивниот повреден колега му треба лекување во странство, ја навеле дијагнозата, сите сериозни компликации после сообраќајката кои довеле до контузии на мозокот, контузии на обете белодробни крила и други сериозни повреди.

Фото: Лекарскиот конзилиум од Клиниката за неврохирургија бара лекување во странство за д-р Јота/ Приватна архива

Како што за „Слободен печат“ изјави доктор Јота, правниот тим на ФЗОМ го одбил неговото лекување, со образложение дека не се работи за лекување, туку за рехабилитација, а рехабилитации според правилникот на Фондот не се покриваат од парите што осигуреникот целиот свој живот ги уплаќа во фондот.

Така, дигестивниот хирург со 35 годишен стаж, од сопствен џеб платил 12 илјади евра во Љубљана за да се лекува со роботско проодување. Се покажало дека ова лекување било соодветно за него, затоа што она што не можел во Македонија да го направи со месеци, во Љубљана го направил за само неколку дена – проодел.

Тој за „Слободен печат“ вели дека после 35 години хируршка работа и спасени илјадници животи, смета дека заслужил не отстапка, туку да се олеснат условите за неговото лекување во Љубљана, наместо да се занимава со бирократски процедури.

– Комисијата што беше надлежна за мене, составена меѓу другото од неврохируг и од трауматолог, поднесе барање до Фондот, но од Фондот ме одбија. Специјалистите ја проценија ситуацијата и проценија што е најдобро за мене во тој момент. Во барањето пишува дека со оглед на типот на повредите и тоа што се очекува понатаму, за мене ќе е најдобро да одам на физикална терапија во Љубљана, каде што постои робот-проодување, бидејќи неподвижен бев пет месеци. Меѓутоа, пред десетина дена проодев во Љубљана. Тоа е навистина одличен центар и ми кажаа дека таму за неколку дена ќе проодам, што и се случи. Пред тоа се обидував на секој начин во Македонија, но не успеав. Но, ФЗОМ ме одбиле за рефундација, затоа што не е предвидена рефундација на средства за рехабилитација, туку само за лекување. Но, јас бев на лекување во Љубљана фактички. Самата рехабилитација со робот, мене ме излечи од неподвижноста. Ме чинеше тоа 12 илјади евра, си ги платив од џеб. Размислував дека животот ми е помил отколку да се расправам со бирократите на ФЗОМ. Нема шанса. Бев пред четири години во Норвешка, работев, па дел од тие заработени пари ги дадов за лекување, само да проодам. Правниците рекле дека не е предвидено рехабилитација да биде рефундирана. Но, јас овде не проодев. Овде тапкав во место, рече доктор Јота за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот