ФОТО: МЗТ Скопје по четири години повторно ќе игра во АБА лигата

МЗТ Скопје следната сезона ќе биде дел од силната АБА лига/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

Кошаркарите на МЗТ Скопје по пауза од четири години повторно ќе играат во АБА лигата откако вечерва во второто полуфинале на завршниот турнир во АБА2 лигата со 75:71 го совладаа Широки.

„Металците“ пласманот во АБА лигата го обезбедија поради победата на Златибор во првото полуфинале. Имено, според пропозициите на Јадранската лига, не е дозволено да играат шест екипи од една земја и поради тоа српскиот тим Златибор ќе мора да игра два баражи за да обезбеди пласман во АБА лигата.

Тие ќе мора прво да играат бараж двомеч со Сплит, а потоа и со најслабопласираниот српски тим во АБА лигата. МЗТ Скопје последен пат во АБА лигата настапуваше во сезоната 2017/2018.

МЗТ Скопје по пауза од четири години повторно ќе биде дел од силното регионално натпреварување/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

Кошаркарите на МЗТ Скопје нервозно го започна натпреварот кој му го донесе пласманот во АБА лигата следната сезона. Беа промашени првите четири шута, и Мекиќ на истекот од третата минута го запиша првите поени за „металците“.

фото: Слободен печат/Драган Митрески

По тројката на Мекиќ, следеа и поени на Милошевиќ со кои МЗТ Скопје поведе со 5:4, но почетната нервоза во таборот на македонскиот шампион си го зеде данокот и Широки со серија 2:9 поведе со 11:16. Тимот од БиХ предноста ја задржа до крајот на првиата четвртина (19:20), но на стартот од втората четвртина проработе шутот за три поени и МЗТ Скопје во 12. минута по тројката на Мекиќ поведе со 25:22.

„Металците“ ги израдуваа навивачите со победа која значи пласман во АБА лигата/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Широки возврати со тројка на Билиновац, Крстевски од линијата за слободни фрлања ја враќа предноста на „металците“ (26:25), а гостинскиот тим по поените на Човиќ (26:27) го имаше последното водство на натпреварот.

МЗТ Скопје за неполни четири минути направи серија 10:0 и поведе со 36:27 во 17. минута. На паузата МЗТ Скопје имаше пет поени предност (44:39), а третата четвртина ја започна со серија од 7:0 со која поведе со 51:39.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Но, потоа исто како и во четвртфиналето против Сутјеска, следеше пад во играта кој го искористи тимот на Широки да се врати во игра и во последната четвртина се влезе со 60:56 за МЗТ Скопје.

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Одлучувачката четвртина започна со поени на Војдан Стојановски, но и Широки имаше свои моменти па со поените на Вучиќ дојде до минус три (63:60) во 32 минута. МЗТ Скопје одговори со шест поени по ред на Дамјан Стојановски за водство од 70:63, но гостите не се предаваа. Иванов и Божиќ постигнаа пет поени и намалија на 70:68, а потоа и промашија три шута за израмнување.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Кристијан Николов на две и пол минути до крајот му носи плус четири на МЗТ Скопје, по што следеше период во кој и двете екипи не успеаја своите напади да ги завршат со поени. Серијата промашувања на двете страни ја прекина Дамјан Стојановски со едно погодено слободно фрлање на 63. секунди до крајот за 73:68.

Браќата Војдан и Дамјан Стојановски /фото: Слободен печат/Драган Митрески

Во следнот напад Лука Божиќ беше фаулиран при шутот за три поени од Рикиќ. Божиќ ги погоди сите три слободни фрлања за 73:71 по што тренерот на МЗТ Скопје, Александар Петровиќ повика тајм-аут. Во следниот напад, МЗТ Скопје не успеа да погоди и му овозможи на Широки целосно да се врати во игра, но Иванов промаши зицер под кошот по што го фаулира Војдан Стојановски на 2.5 секунди до крајот на натпреварот.

„Фамилијата“ беше шести играч на „металците“/ фото: Слободен печат/Драган Митрески

Македонскиот репрезентативец ги реализира двете слободни фрлања и го однесе МЗТ Скопје во АБА лигата за следната сезона.

Дамјан Стојановски беше најпрецизен со 17 постигнати поени, Хуан Дејвис даде 14 поени, Роберт Рикиќ 10 поени, а Војдан Стојановски 8 поени. Јосип Билиновац со 20 поени беше најпрецизен кај Широки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот