ФОТО | Концерт што долго ќе се памети: Здравко Чолиќ ѝ подари тричасовна магија на публиката во Скопје
По шестгодишна пауза, легендарниот Здравко Чолиќ се врати на голема врата во Скопје и тоа не со обичен настап, туку со ексклузивен концерт со симфониски оркестар. Синоќа, во арената „Борис Трајковски“ почна концертната трилогија што ќе остане запаметена како еден од највпечатливите настани годинава во нашиот главен град.
Препорачано
Овој пат Чолиќ пристигна со дури 50 врвни музичари, големите инструментални солисти од новосадскиот Биг бенд и оркестарот на Операта при Српскиот народен театар од Нови Сад. Ваквиот состав, со кој премиерно настапува пред македонската публика, создаде уникатна атмосфера, збогатена со симфониски звук, внимателно одбран репертоар и исклучителни аранжмани зад кои стои диригентот Федор Вртачник.

Концертот почна со култната „Продужи даље“, песна од неговиот втор студиски албум „Ако приѓеш ближе“ од 1978 година. Уште од самиот почеток, реакцијата на публиката јасно најави дека ќе бидеме сведоци на концерт што долго ќе остане во сеќавањето.
„Добро вечер Скопје, добро вечер Македонијо. Последниот пат кога бев тука, заедно пеевме на Градскиот стадион, а вечерва ќе бидеме во едно малку поинакво расположение, со малку изменети аранжмани и симфониски оркестар. Ви благодарам што дојдовте и уживајте“, ѝ се обрати тој на својата сакана публика.

Иако не зборуваше многу меѓу песните, Чолиќ уште еднаш покажа дека не му се потребни големи говори – неговиот глас, движењата и контактот со публиката кажуваа сè. Со одлична селекција што ги опфаќа сите фази од неговата богата дискографија, тој успеа да ја долови суштината на својата повеќедецениска кариера – моќен глас, неверојатна емоција и харизма што тешко се опишува со зборови.
Публиката, која ја исполни арената до последно место, пееше со него во еден глас, без разлика дали стануваше збор за емотивни балади или за безвременски хитови што ве креваат на нозе. „Красива“, „Једина“, „Загрли ме“, „Ти си ми у крви“, „Ти можеш све, ал једно не“, „Тебе чувам за крај“, „Што ти дадох“… беа само дел од песните чии изведби наидоа на овации и воодушевување на присутните, кои беа од најразлични генерации.

Настапот со симфониски оркестар донесе нова димензија на неговите песни, создавајќи вистинска музичка бајка што го освои секое срце во салата.
Овој концерт беше само почеток од трите последователни на истата локација, кои се закажани на 2, 3 и 4 јуни.









