ФОТО | Калиопи приреди магичен концерт: „Филхармонијата вечерва е наш храм на љубовта, каде го славиме животот“
Во распродадената сала на Македонска филхармонија, Калиопи синоќа го одржа првиот од трите најавени акустични концерти, со што го отвори својот нов музички проект кој предизвика голем интерес кај публиката.
Препорачано
Настапот траеше околу два часа и беше реализиран со 12 музичари на сцената, меѓу кои гудачки квартет, двајца дувачи и придружните вокали Маја Саздановска и Јулија Карамитрова-Огненоска.

Сцената беше конципирана како домашен амбиент со ќилим, свеќи и симболичен „камин“, по што концертот доби поинтимна атмосфера.
Наместо класичен настап со однапред познат репертоар, Калиопи избра концепт во кој песните се редеа без најава, а во сетот беа вклучени балади, побрзи композиции и неколку изненадувања. Еден од нив беше блокот посветен на евергрините од 1970-тите, инспириран од песните на Сашка Петковска, Драган Мијалковски и други изведувачи од тој период.

„Јас сум пресреќна со овој нов концерт. Како што гледате, оваа синергија на сцената се вика безусловна среќа и ние сакаме оваа безусловна среќа да ви ја пренесеме токму вам, да ве наполниме со многу позитивна енергија. Вечерва Македонската филхармонија е нашиот храм на љубовта, каде што ние го славиме животот“, им се обрати Калиопи на присутните, а веднаш потоа ја отпеа песната „Кофер љубави“.

Најемоционалниот дел од вечерта беше кога целиот бенд се повлече од сцената, а таа остана сама со придружните вокали, седна на пијано и ја отпеа „Не плачи“. Салата остана во тишина, со неколку светла и глас што ја држеше публиката без здив.
Следуваа „Месечина“ со ѕвездено небо, ерупција на енергија на „Дај да пијам“ и долгите аплаузи кои се случуваа среде речиси секоја песна. Посебен момент беше и првото изведување на оригиналната верзија на „Казна“, напишана пред девет години од Ромео Грил, песна што некогаш била кандидат и за Евровизија, а подоцна преработена во дует со Слаткаристика.

На крајот, додека траеше изведбата на песната што ѝ ја одбележа долгогодишната кариера – „Роѓени“, таа прошета меѓу музичарите и ги прегрна еден по еден.
Организаторот „Прагма продукција“ соопшти дека интересот е огромен и дека покрај концертите на 6 и 7 декември, најверојатно ќе биде додадена и четврта вечер.


