ФОТО | Хуан Миро или доживотен флерт со субјективност: Сакам да го убијам сликарството

Хуан Миро, Фото: Instagram, Facebook

„Се обидувам да применувам бои како зборови кои обликуваат песни, како ноти кои ја обликуваат музиката” – Хуан Миро

На денешен ден е роден уметникот кој ја отсликал поетската реалност, каталонецот Хуан Миро. Заедно со другите дада и надреалистички уметници Хуан Миро ја истражувал можноста за создавање на сосема нов визуелен речник за уметноста што би можел да постои надвор од објективниот свет, а не да се разведе од него. Неговиот уникатен јазик често користел биоморфни форми кои останале во границите на објективноста, а истовремено биле облици на чист изум. Неговите истражувања низ сите достапни медиуми и иновативни техники ѝ дадоа на неговата работа предност да биде веднаш препознатлива како – Миро.

Фото: Picryl

Роден во 1893 година, Хуан Миро e шпански каталонски уметник. Работел во скулптура, сликарство и како керамичар. Роден во пристанишниот град Барселона, голем дел од неговата работа била под влијание на живописниот приморски град и посебниот стил што доминира во областа. Татко му бил часовничар, а мајка му златарка, што значи дека тој уште од мали нозе бил изложен на уметноста и нејзините форми. Во реставрираните дела на Миро има едно од 1901 година, кога имал само 8 години.

1917 година: NORD-SUD

Фото: Facebook

Миро ја направил оваа слика во 1917 година, кога живеел во својата родна Барселона и сонувал да се пресели во Париз. Тој бил во последната година од својата национална служба како војник. Присуството во неговата слика на списанието „Nord-Sud“ – основано во Париз таа година од поетот Гијом Аполинер, меѓу другото укажува на солидарност со идеалите за слобода што ги претставувало списанието. Птицата во кафез зад него е соочена со отворена врата, но сè уште не полетала.

„Морам да ви кажам“, му напишал Миро на својот пријател и колега сликар Е.Ц. Рикарт во 1917 година, „дека ако треба да живеам многу подолго во Барселона, јас ќе бидам задушен од атмосферата – толку скржава и толку уназадена (уметнички кажано).“ Тој бил очаен да се преселиво во Париз и да биде дел од -изам, или, подобро кажано, да создаде таков.

Кога Миро на крајот стигнал до Париз во 1920 година, го повикал Пикасо, кого никогаш не го запознал, но чија мајка била семејна пријателка во Барселона. Пикасо се грижел за него, купил слика што му ја покажал Миро и му помогнал да влезе во радикалното општество за кое сонувал. За една година, малото студио на Миро на улица Бломет редовно го посетувале неговите нови пријатели: поетот Пол Елијар, драматургот Антонин Арто и уметникот Тристан Цара.

1923-1924 година: The Hunter (The Catalan Landscape)

Фото: Flickr

Во Париз се спријателил со Андре Бретон, наоѓајќи го својот некогаш посакуван -изам. Надреализмот, уметнички одговор на моќта на соништата и потсвеста, бил само кратка опсесија за Миро, но неговите идеи го облагодаруваа неговото сликарство од средината на 1920-тите, и неговите методи потоа.

„Секоја идеја мора да се развие во моето несвесно, а понекогаш потребни се години… Почетната точка е апсолутно ирационална, ненадејна и несвесна: почнувам слепо…“

Миро на еден гледач му ги објаснил деталите на сликата со следниве зборови: „Каталонскиот селанец стана триаголник со уво, око, луле, влакна од брада и рака. И срцето, утробата и половите органи на човекот. Лево го покажав авионот Тулуз-Рабат; еднаш неделно леташе покрај нашата куќа. На сликата го покажав со пропелер, скала и француски и Каталонски знамиња. Повторно можете да ја видите оската Париз-Барселона, и скалата, која ме фасцинираше. Море и еден брод во далечината, а во преден план, сардина со опашка и мустаќи како лапа мува. Бројлер чека за зајакот, пламен и пименто од десната страна…“

Андре Бретон ја купил сликата во 1925 година, годината откако го напишал својот надреалистички манифест. Тој верувал дека Миро нашол начин да ја отслика „поетската реалност“ на животот, на начини кои ги опишал неговиот манифест, но кои тој не ги замислил целосно.

1924-1925 година: Harlequin’s Carnival

Фото: Facebook

Гледачот е заробен во овој замислен свет, заинтригиран од дисонанцата помеѓу идентификацијата и значењето. Сликата е ран пример за свртувањето на уметникот кон надреализмот, ова дело, исто така, било пионер во неговата употреба на биоморфни форми, бидејќи повеќето од предметите подражаваат живи организми. Миро објаснил дел од симболичното значење на сликата, велејќи дека црниот триаголник ја симболизира Ајфеловата кула, а скалите значат и издигнување и затајување. Сепак, облиците на спојување го превртуваат свесниот свет. Миро никогаш не сакал да се насели во одреден уметнички стил и се трудел да ги преврти естетските хиерархии.

„Јас сум заинтересиран само за анонимната уметност, онаа која извира од колективното несвесно“.

1941 година: The Beautiful Bird Revealing the Unknown to a Pair of Lovers

Фото: MoMa

Како што истакнала историчарката на уметност Лори Едисон, „За разлика од ѕвездите, кои постојат физички на небото, соѕвездијата постојат само концептуално… ние сме тие што ги концептуализираме невидливите линии меѓу ѕвездите за да ги поврземе една со друга“, и како резултат на работата , откриваме „облик што е чиста конструкција“.

Во 1939 година со избувнувањето на војната, Миро побегнал од Париз со своето семејство во Нормандија.

Тој напишал: „Отсекогаш уживав да гледам низ прозорците ноќе и да го гледам небото, ѕвездите и месечината, но сега веќе не ни беше дозволено да го правиме тоа, па ги обоив прозорците во сина боја и ги зедов моите четки и боев, а тоа беше почетокот на соѕвездијата“.

Ова дело е дел од серијата од 24 слики на хартија на кои Миро го иновирал својот јазик за да му помогне да се справи со тешките животни околности.

„Кога ги сликав соѕвездијата, имав вистинско чувство дека работам тајно, но тоа беше ослободување за мене бидејќи престанав да размислувам за трагедијата насекаде околу мене“.

1961 година: Bleu II

Фото: Instagram

Миро често користел сино поле во својата работа, бидејќи ја идентификувал бојата не само со огромното небо, туку и со светот на соништата, како што се гледа во неговата „Photo: This Is the Color of My Dreams“ (1925).

„Спектаклот на небото ме обзема. Ситни форми во огромни, празни простори. Празни простори, празни хоризонти, празни рамнини – сè што е голо отсекогаш ме импресионирало“.

Неговата серија „Bleu“ била насликана во време кога тој бил меѓународно познат и огромните размери на трите платна биле еден вид уметничка изјава.

Како што напиша уметничката критичарка Лаура Камингс, „Кога Миро почина во 1983 година, на 90-годишна возраст, тој долго време се негуваше како последна од модерните ѕвезди – некој каталонски дијалект на надреализмот“.

Фото: Flickr

Љубов, болка и уметност: Интересни детали од животот на Фрида Кало

ФОТО | Бакнежи низ историјата: Љубовни, братски и безвременски

Познатиот грчки мит кој Караваџо го претворил во ремек-дело од кое со векови застанува здивот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот