ФОТО | Гастро марифети Јулијана Златаноска: Антистрес терапија со превкусните рецепти на Јуле

Фото: Приватна архива

Јулијана Златаноска од Гостивар, вработена во „СЛ Клуб“, е сопруга и мајка на две деца, Кристијан и Стефан. Вели дека готви од мала и дека повеќе ги сака комплицираните рецепти. Нејзините први такви творби биле пуслица и јапонски ветер кои ги направила кога имала 13 години. Љубовта за готвењето ја наследила од нејзините родители, кои цел живот работеле во кујни и ресторани.

Фото: Приватна архива

– Готвењето ме опушта, тоа ми е како антистрес терапија и бегство од проблемите што ги носи животот. Сакам да готвам и традиционални рецепти и секогаш се трудам да изгледаат убаво и вкусно, и на око и на вкус, вели Јуле и ни открива три превкусни рецепти. 

Полнети модри патлиџани

Фото: Приватна архива

Намирници:

500 гр. мелено месо
200 мл. бело вино
4 модри патлиџани
1 кромид
1 морков
1 пиперка
лук, магдонос и зачини по желба

Подготовка:

Модрите патлиџани се сечат на половина по должината и се длабат. Се пржат кромидот, пиперката и морковот. Се додава месото да се пропржи, а потоа и внатрешниот дел од модриот патлиџан, исечкан. Потоа се додава чаша бело вино и зачини и се остава да испари течноста. На крај се додаваат магдоносот и лукот.

Со смесата се полнат модрите патлиџани, па се печат во рерна околу 30 минути на 200 степени.

Пред крај може да се изренда кашкавал или сирење, па да се допечат додека кашкавалот се растопи.

Фото: Приватна архива

Црешнопита

Старински овошен колач што враќа во детството.

Фото: Приватна архива

Намирници:

За основа: 2 јајца
1 жолчка
100 мл масло
180 гр шеќер
200 гр брашно
Прашак за печиво
Кора од еден лимон.

За прелив: 100 гр цреши
2 лажици шеќер
Сок од половина лимон

Подготовка:

Шеќерот се мати и се додава брашното, печивото и кората од лимонот. Се меша сè заедно, може и со жица.

Црешите за преливот ги зашеќерив со 2 лажици шеќер, па заедно со лимонот ги варев 5-10 минути.

Се пече на 180 степени 45 минути во тавче бр. 26.

Фото: Приватна архива

Топтаница

Старински рецепт брз, лесен и вкусен.

Фото: Приватна архива

Намирници:

700 гр брашно
1 лажичка сол
2 лажици масло
350-400 мл врела вода
путер

Подготовка:

Се мешаат сите сосојки со дрвена лажица, потоа со рака кога ќе се подолади. Се прават 20-25 топчиња, се сукаат на пченкарно брашно со должина од околу 20 см. Се премачкуваат со растопен путер и масло, може да се додаде и свинска маст. Се редат една до друга и се сукаат во голема кора колку тавчето бр.34.

Фото: Приватна архива

Се пече и се кине со вилушка. Ако сакате покрцкаво, може да ја вратите топтаницата во рерна уште 3-5 минути. Може да додадете и сирење меѓу редовите.

Фото: Приватна архива

На здравје!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот