ФОТО | Емотивен концерт на Ален Исламовиќ: „Со првите пари купив стан од 30 квадрати“
Ален Исламовиќ одржа емотивен концерт со хитовите кои пораснале многу генерации, вчера во Филхармонија во Скопје.
Препорачано
Босанскиот рокер ја имал таа среќа да пее во бендови како „Бијело дугме“ и „Дивље јагоде“, и паралелно да снима соло албуми. Она што остана непроменето е неговиот карактеристичен вокал, кој остана силен и чист како во 1980-тите и во 1990-тите, но и неговата скромност и ненаметливост поради кои публиката го почитува повеќе од 40 години.
Токму една таква приказна за неговите скромни почетоци остави најголем впечаток.
„Кога ги заработив првите поголеми пари, откако претходно јадев паштета и леб, татко ми ми кажа дека морам нешто да купам, некоја недвижнина. Ми рече ‘купи макар и гаража, само да имаш нешто на твое име‘. И јас купив стан од 30 квадрати. Но, во него живеевме како да има 300 квадрати. И така настана оваа песна која се вика токму ‘30 квадрати’. Решив таа убава приказна да ја раскажам преку песна“, рече музичарот.
Песната, тој ја снимил со негов пријател композитор, кој живее во Канада.

Концертот почна со најголемите хитови на „Бијело Дугме“, и заврши со баладите и брзите хитови кои ја одбележаа последната ера на еден од најголемите бендови во поранешна Југославија. Додека ги пееше „Хајдемо у планине“ или „Ружица си била“, атмосферата беше слична како во времето на крајот на 1980-тите кога Бреговиќ со „Дугме“ полнеше сали на последната турнеја на бендот. Секако, тука се и „Мотори“ и „Не желиш крај“ кои ги испеа во „Дивље јагоде“. Публиката, баладата која беше химна на младешките собиранки со гитари по парковите, на плажите и на екскурзиите ја испеа со него со него гласно, од почеток до крај.
Освен по успешната музичка приказна, Исламовиќ е познат и како добар бизнисмен. Уште во времето кога беше пејач на „Бијело Дугме“ имаше своја слаткарница во родниот Бихаќ. Години подоцна, почна да ја работи плантажата со лешници која ја менаџира и денес. Дел од својата куќа во Бихаќ ја преуреди во туристички комплекс, имаше и фирма за апарати за прочистување на вода.
И во тоа е неговата уникатност, што е успешен музичар, бизнисмен и семеен човек, одржувајќи на љубовта со својата Маријана повеќе од 40 години.
Убав е и неговиот ентузијазам кој го покажа особено на крајот од концертот, кога со радост го најави новиот албум и вети дека тоа ќе биде повод да се видиме наскоро пак. Концертот го организираше продукцијата „Евентум“.


