ФОТО | Дарио растури на славеничкиот концерт и смени пет палта: Вечерва, сите кои имате 50 години, ќе имате 35

Фото: Горан Десковски

Со енергичен концерт, скокајќи на сцената и веселејќи се заедно со публиката, Дарио го прослави својот 40-годишен јубилеј, сношти во Филхармонија.

Фото: Горан Десковски

Четири децении, тој шири радост меѓу луѓето со своите хитови, раскажува и тажни љубовни приказни, а како човек е прилично едноставен и им се радува на малите нешта. Меѓу секоја песна на концертот, имаше по една вистинска приказна.

Фото: Горан Десковски

– Вечерва ќе влеземе во една временска капсула. Оние кои имаат 50-60 години, вечерва ќе имаат 35. Оние кои имаат 40 и кусур години, ќе имаат 25. Оние кои се во триесеттите ќе имаат 18, а оние кои имаат дваесет и помалку, ќе имаат колку што имаат – порача Дарио.

Освен што беше во супер пејачка кондиција, совршено уигран со бендот и придружните вокали и непосреден со публиката, направи и сценско шоу. Од време на време, го снемуваше од сцената и се враќаше со ново палто во различна боја- смени вкупно 5.

Фото: Горан Десковски

Како за миг помина концертот, на кој умешно нѐ прошета низ баладите како „Зајди јасно сонце“, за која рече дека никогаш не ја слушнал на радио, а сите ја знаат, веселите песни како женската приказна „Немам што да облечам,“, безвренската „Мајко моја роди ме“, „Косоока“ која очекувано беше врв на концерот, но и „Ладна како камен“.

„Дупла водка“ беше навистина дупла, со неа нѐ почести два пати, на бис во една поакустична верзија- само Дарио, публиката како негов верен хор со тивка придружба од бендот. Изненадување беше песната која во 1984 година ја испеал со неговиот прв бенд „Бон тон“, „Добрите девојки“.

Фото: Горан Десковски

Своевремено, на сопругата Бојана ѝ ја посвети песната „Армија“, а таа со синот Бруно, ќерката Андреа и семејството, играа и пееја од почеток до крај, славејќи го овој триумф заедно со нивниот сопруг и татко.

„Здравје Боже, ништо друго не треба“, е уште една од едноставните, но моќни пораки на Дарио, во време кога луѓето трчаат по како што рече „пари, и уште пари“. Концертот заврши весело, со „Дајте една народна“, а публиката и пред неа, беше на нозе речиси цела вечер.

Фото: Горан Десковски

Вечерва, Дарио ќе одржи и втор концерт од 20 часот во Филхармонија, во организација на „Авалон продукција“.

Фото: Горан Десковски

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот