ФОТО | Бајковита празнична приказна во домот на Боро Коса

Фото: Приватна архива

Преку целата година со особено внимание уживавме во секоја нова фотографија на социјалните мрежи, што скопјанецот Боро Секуловски, попознат како Боро Коса, ја споделуваше со своите следбеници и љубители на модерното и урбано домување. Дом како од најубавиот магазин. Дом чие внатрешно уредување се менува како годишните времиња. Многу љубов, креативност и инспирација се крие во семејното гнездо на Борo, Ели и нивните деца.

Фото: Приватна архива

Кој е Боро Секуловски или Боро Коса, приватно и професионално?

– Боро Секуловски, 42 години, роден и живеам во Скопје, според мене во најубавата населба Ново Лисиче. Боро приватно е исполнет сопруг, остварен како родител на две малолетни деца, на ќерката Зоја и синот Арсен, а професионално сум ПР во семејното фризерско студио „КОСА“, кое успешно опстојува веќе 18 години и го основавме заедно со мојата сопруга Ели.

Фото: Приватна архива

Нашето внимание го украдовте благодарение на умешноста Вашиот дом да изгледа како сцена од некој филм или убаво списание за домување. Колку често правите промени во домот што ја топлат душата?

– Токму така, значи ефектот е постигнат кога во прв момент го крадам вашиот поглед. Како сцена од бајка изгледа токму во овој период од годината кога домот е комплетно декориран во духот на најубавите празнични денови. Како се менуваат годишните времиња, така се менува и декорот во нашиот дом, комплетно нов декор четири пати во годината.

Фото: Приватна архива

Користите и винтиџ украси, прибор и декорации. Еден прекрасен бел чорбалак, вазни, сервис за јадење што кријат историја во себе. Раскажете ни малку за нив.

– Поголем дел од деталите во винтиџ стил се купени во поново време, но дел од нив се постари и од мене. Конкретно белиот чорбалак е стар 50 години, го добиле родителите на сопругата како свадбен подарок, а тие ни го подарија нам. Ние ќе продолжиме понатаму со оваа традиција, бидејќи веќе гледаме потенцијал во нашето семејство кој би ме наследил во декорирањето.

Фото: Приватна архива

Колку финансии месечно вложувате во оваа Ваша страст?

– Искрено не би знаел точно да ви кажам, но има периоди кога можам да потрошам и да си дозволам повеќе, а секако има периоди и кога не можам да си дозволам, па тогаш за промените гледам од тоа што го имам достапно како декор да се реставрира и да добие нов изглед. Искрено, тогаш изгледа како да имам потрошено и повеќе финансии од она што би го купил како готов производ.

Фото: Приватна архива

Со нетрпение ги очекувавме фотографиите од празничниот украсениот дом на Боро и неговото семејство. Колку време се подготвувавте за украсувањето на домот?

– Да не звучам скромно многу луѓе ги очекуваат фотографиите што ги објавувам со новогодишниот декор, а знам по тоа што ми пишуваат на социјалните мрежи.
Кога станува збор за подготовките за секој период од годината отприлика еден месец ми е потребно за подготовка, а за божиќните и новогодишните празници искрено веќе од средината на септември ја имам замислата и тогаш стартуваме со навремена набавка на материјали. Дел од рачните изработки што ги гледате се моја идеја, но изработката е на мојата сопруга.

Фото: Приватна архива

Инспирација сте на многумина што го следат Вашиот профил. Кои се Вашите совети за нашите читатели или предлози како самите да ја внесат празничната магија без да потрошат многу пари на скапи украси и декор.

– Благодарам за убавите зборови и воедно многу сум среќен кога сум инспирација за многумина. Секако и јас понекогаш крадам идеи од други профили што за мене се голема инспирација. Мојот совет за помалку пари е да набават свежи гранки кои може да се аранжираат со тоа што ќе ги стават во убава вазна. Изгледот може да се збогати и со неколку шишарки. Поставете повеќе перници и ќебиња во дневниот простор во овој период од годината, кои покрај тоа што се практични, ќе му дадат дополнителна топлина на домот и секако многу свеќи кои дополнително даваат топлина на целокупниот амбиент. Еден добронамерен совет, тргнете ги светилките во боја кога ќе украсувате. Кога станува збор за трпезата, секогаш гледам да бидат убаво усогласени есцајгот, чиниите и останатиот декор. Доколку имате модерни чинии, одете со модерни свеќници, а доколку имате рустикален изглед на чинии, вметнете рустикални детали и платнени салфети.

Фото: Приватна архива

Каде ќе ги поминете празничните денови?

Оваа година, за првпат нема да бидеме дома за божиќните празници со семејството.

Целото семејство, проширено со најдобрите другари кои ни живеат во Словачка, ќе ја дочекаме 2023 во магичната Прага, а потоа за Божиќ дружењето ќе продолжи идилично со снег, во едно планинско село во Словачка.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот