ФОТО | Атлетичарката Дрита Ислами искрено: Сакам да се дотерам зашто постојано сум во спортска облека

дрита ислами
Фото: Приватна архива

И во секојдневниот живот Дрита Ислами има ист карактер како на патека, се бори за своите нешта и не се откажува лесно.

Една од нашите најдобри атлетичарки, Дрита Ислами, постигна висок успех запишувајќи нов македонски рекорд на 400 метри со пречки и освои прво место на Европското екипно првенство од Трета лига во Лимасол.

Новиот државен рекорд на Ислами е 57,53 секунди. Девет години е прогласувана за атлетичарка на годината, има шест национални рекорди, беше дел од Олимпијадата во Рио во 2016 година, учествуваше на првенство во Лондон во 2017 година. Исто така, има триумфи во истата дисциплина (400 метри со пречки) и во Малта во 2017 година и на шампионатот во Скопје пред две години.

дрита ислами
Фото: Приватна архива

Дрита почнала да тренира атлетика од 10-11 години, се натпреварувала во училиште, била секогаш прва, потоа отишла на општински натпревар каде што победила. Така се одлучила да се регистрира во клуб, кога имала 12 години, и да тренира професионално. Дипломирала економија, а моментно завршила прва година во ДИФ, студии за физичка култура, спорт и здравје. Вели дека секогаш има време ако знаеш да се организираш, и дека може сè да постигне.

дрита ислами
Фото: Приватна архива

Неодамна постигна нов македонски рекорд на 400 метри со пречки, 57,53 секунди, урнувајќи го за повеќе од една секунда стариот рекорд, кој исто така беше поставен од тебе. Какво е чувството да се победиш самата себе?

– Отидов во Кипар со таа цел, да го подобрам мојот рекорд што го поставив две недели порано, бев спремна и знаев дека со силна конкуренција ќе успеам да го соборам уште еднаш рекордот и да го подобрам времето. За мене тој натпревар беше три победи во едно, бидејќи бев прва, успеав да го соборам рекордот и ја исполнив европската норма за наредната година за Минхен 2022 година. Нормално дека чувството е многу добро, бев многу среќна и горда на себе.

дрита ислами
Фото: Приватна архива

Млада девојка, успешна спортистка со само 24 години. Кои беа најголемите откажувања на личен план во полза на професионалниот?

– Секоја работа бара откажување ако сакаш да бидеш успешен. И јас се имам откажано од многу работи. Спортот бара голема жртва и упорност. Се имам откажано од многу фамилијарни прослави, излегувања во друштво, училишни екскурзии, летни одмори… но никогаш не ми фали тој дел, зашто тоа мене не ме надополнува. Навикната сум на таков начин на живот и многу поважно ми е да постигнам одлични резултати.

дрита ислами
Фото: Приватна архива

Моментно си во врвна форма, како ја одржуваш? Дали, освен тренинзите и дисциплината, и исхраната е клучен инструмент за успех, имаш ли специфичен режим на исхрана, како изгледа и што се подразбира под строга спортска дисциплина?

– Спортска дисциплина подразбира многу работи, редовни тренинзи, исхрана, суплиментација, добар сон, спортски масажи и третмани. Да, бев во одлична форма, но поради повредата што ме мачеше цела сезона, одлучив сега да паузирам, сосема да оздравам и да се вратам сто отсто на тренинг, бидејќи цела сезона пред и после секоја трка примав терапии, и штом ја постигнав целта, нема смисла да трчам уште во болки.

дрита ислами
Фото: Приватна архива

Колку часа неделно посветуваш на тренинзи, недостигаат ли подобри услови во земјава? Во што, според тебе, државата треба да вложи повеќе?

– Тренирам секој ден, често и по двапати дневно, правам околу 10-11 тренинзи во неделата. Реално, во последно време имаме подобри услови за трчање, не можам да се жалам, но секако дека има простор да се подобруваат условите, на пример, атлетски стадион посебно за нашата федерација би било одлично за нас, би тренирале кога сакаме, да не бидеме ограничени со време, или кога има натпревари да не нè пуштаат на градскиот стадион Арената „Тодор Проески“.

дрита ислами
Фото: Приватна архива

Прашање што нема врска со спортот: готвиш? Сигурно имаш некое хоби, страст кон нешто, страв од нешто?

– Имам страв од инсекти, како магнет сум за нив, секогаш кај мене доаѓаат… реално многу се плашам и реагирам лошо кога ќе видам инсект на мене. Хоби ми е шетањето, сакам да посетам нови места, да дознаам повеќе за различни култури низ светот, тоа ме исполнува. А во врска со готвењето, немам многу добри односи со кујната.

дрита ислами
Фото: Приватна архива

Која е Дрита Ислами надвор од тркачката патека?

– Многу сум смирена и цело време насмеана, фамилијарен човек сум, сакам да поминам време со моето семејство, да ги посетам моите роднини, убаво ми е да седам со најблиските другарки, сакам да се дотерам, зашто постојано сум во спортска облека. И во секојдневниот живот имам ист карактер како на патека, се борам за моите нешта и не се откажувам лесно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот