ФОТО: 12 исклучителни жени кои ја обележаа 2020 година (1 дел)

Ги живееме последните денови на оваа апсурдна 2020 година, и ако има нешто убаво што може да се каже, нешто што отскокнува во оваа сурова година, тоа се  исклучителните жени кои направија големи работи.

Нема да можаме да ги спомнеме сите, зашто како што е невозможно да не изоставиме некои, истовремено е неспорно дека некои од нив се симбол на промена, можеби не на револуција – термин што стана премногу лесен за употреба, ама на пресврт, секако, да.

Румена Бужаровска, писателка, книжевна преведувачка и професорка

Румена Бужаровска, фото Жарко Чулиќ

Писателката Румена Бужаровска имаше полни раце работа во текот на целата 2020 година, почнувајќи уште од месецот февруари, кога беше поставена претставата „Мојот маж“ на сцената на Драмски театар, во режија на Нела Витошевиќ. Во откомври Словенско народно гледалишче ја постави „Мојот маж“, претстава градена врз раскази од „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ на Бужаровска, на својот редовен репертоар, во режија на Ивана Ѓилас, а кон крајот на годинава стигна најава дека и Југословенско драмско позориште подготвува претстава од расказите на „Мојот маж“ во режија на Јована Томиќ, со премиера во февруари 2021 година. Збирката раскази „Мојот маж“ го доживеа своето домашно издание на албански јазик, а збирката раскази „Не одам никаде“ на хрватски јазик. Во Скопје, во ноември, се сними краткометражен филм по сценарио на Бужаровска по нејзиниот расказ „Проблемот на Тина“ од збирката „Осмица“, во режија на Радован Петровиќ. Хрватскиот аудио-визуелeн центар пак, ја поддржа нашата позната писателка за развој на сценарио по расказот „Осми март“ од збирката „Не одам никаде“.

Стефанија Гаштарска, прва македонска балерина во театарот „Бољшој“  

Стефанија Гаштарска

Иако 2020 за светот не беше најсреќна година, за балерината Стефанија Гаштарска ќе остане запаметена како година во која ѝ се исполни сонот – дипломираше на најпрестижната балетска академија МГАХ Бољшој (MGAH BOLSHOI), со специјална црвена диплома, и се вработи во нејзиниот театар од соништата – театарот „Бољшој“. А, тоа не беше сè. На младата Стефанија ѝ се обнови договорот со производителот на танцувачки чевли „Гришко“, за кој е бренд-амбасадор, ја доби наградата „Менада“ за млад уметник, и сними спот, прво нејзино искуство од таков вид – музиката на песната е на Александар Масевски. Гаштарска оствари и неколку фотосесии за руски списанија, а доби и големо внимание од домашните медиуми.

Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје

Милена Стевановиќ

„Денеска е време кога секој бел мантил треба да помогне со тоа што може, знае и умее“, апелираше директорката на Инфективната клиника, асс. д-р Милена Стевановиќ, инфектолог, повикувајќи на солидарност, одговорност и социјална дистанца од секој поединец. Таа пак, својата солидарност и одговорност и тоа како ја покажа уште од самиот почеток на здравствената криза, сè досега, во овој долг период, неуморно извршувајќи исклучително тешка и одговорна работа со максимална транспарентност и отвореност кон јавноста во однос на секоја бројка, па и бројката на смртност.

– Треба да се плашиме од нашата несовесност и неспроведување на мерките за заштита и создавање паника која секогаш е контрапродуктивна – ни рече д-р Стевановиќ.

Со стамен став и без ниедна ни случајна грешка во зборувањето за јавноста, во ликот (и делата) на д-р Стефановиќ може да се огледа трудот, напорите и професионалноста на сите бели мантили, кои беа во првите редови во борбата против непредвидливиот вирус.

Катарина Георгиевска, претприемачка заслужна за развој на руралниот туризам

Катарина Георгиевска

За Катарина Георгиевска, како што вели, ова била една од најчудните години во нејзиниот живот, во знакот на промена на физичко, емоционално-психичко и интелектуално ниво: Божиќ ѝ го донесе соочувањето со ракот на дојка, после што следуваше вртоглав пад на физичкото и емоционалното тело поради операција, осум тешки хемотерапии по кои следува уште една година имунотерапија. Но, Катарина одлучи овој „баласт на животот“ да го отстрани не само хируршки, туку конечно да ја фати „лопатата“ и да ги ископа и осознае скриените емоции што ја предизвикале болеста. Така се отвори вратата кон нови идеи, храброст да проба нешто за што досега „немала време“, да ја доживува радоста на среќата во секој „обичен“ миг. Се отвори и патот за пораст на бизнисот селски туризам кај „Ранчо и Ванчо на Ката“ на домашниот пазар и тоа во услови на пандемична економска криза.

– Некои од гостите и лично ги запознав и од секого научив некој нов аспект на животот. Куќата беше отворена со сиот шарм и љубов на домаќините. Таа отвореност се враќаше со уште поголема побарувачка. Оваа година на многу чудесен начин запознав и се зближив со нови луѓе, воспоставивме и деловна соработка, а првпат се вклучувам во т.н. женско претприемништво. Пријателските разговори, поддршката и размената која почнав да ја остварувам со разни видови женски групи во текот на оваа година – „Борка“, психолошките работилници со клиниката за онкологија, CEED, „Агротим“, ЕДНАКВИ, колешките од работа, и многу други, се од критично значење за мојот личен развој и особено за добивање на уште една животна битка: канцерот. Им благодарам на сите жени што допреа до мене оваа година, на моето најблиско семејство и колегите од работа, кои се погрижија да го правам сè она што го посакував. Сега го сфаќам значењето на мудроста „сите сме едно“. Низ сите работни ангажмани и особено пишувајќи ги сите интервјуа во текот на оваа година, се осознав себеси; пораките испратени во етерот на божествен начин ми вратија милион насмевки, среќни погледи, сочувство, потврда дека вредат сторените дела, благодарност и комплименти кои ги примав со отворени раце и солзи во очите. Чинам почнав да живеам меѓу ангели – ни рече Георгиевска.

Маја Мојсова Мијовска, анестезиолог и национален координатор за трансплантација

Маја Мојсова Мијовска

На крајот на еден долг ден во месецот мај, некаде во 5 часот наутро, на изгрејсонце, четирите жени – Маја Мојсова, Адријана Георгиев, Билјана Андоновска и Весна Дурнев, излегоа од Клиниката за државна кардиохирургија, среќни и помалку несвесни за тоа што го направија. Овие 4 жени за прв пат во историјата на оваа земја донесоа срце за трансплантација, кое за волја на вистината, беше од жена. Д-р Маја Мојсова Мијовска, анестезиолог и национален координатор за трансплантација, беше дел од тимот што испиша историја кога станува збор за македонското здравство, беше успешно направена трансплантација на срце од починат донор. Д-р Мојсова во текот на целата година несебично се вложи во будење на свесноста за донаторство, во објаснувањата за органодарителството и придобивките од него. Во Програмата за трансплантација, годинава за првпат беше вклучена трансплантацијата на срце, а покрај срцето, Програмата е проширена и за црн дроб, коски и коскени ткива и рожница.

Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија

Данела Арсовска

Годината во која се соочивме со бројни предизвици, на национално ниво ја одбележаа заложбите на Сојузот на стопански комори на Македонија за застапување на приватниот сектор и инсистирање институциите да помогнат со мерки за економски спас, за да се зачуваат работните места и да се надминат економските потешкотии со кои се соочува општеството. На меѓународен план годинава, претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска, како експерт беше дел од интернационалната советодавна група, која ги креира економските предлог-политики и препораки за лидерите на Владите на Г20, земјите кои се најсилни економии во светот.

– Ја имав и честа на непосредни избори на светско ниво, да бидам избрана за дел од раководството на Светската федерација на комори, единствениот глобален форум што обединува и претставува над 12.000 стопански комори ширум светот. Оваа информација одекна глобално со оглед на фактот што само 4 жени во светот се носители на таа функција – ни рече Арсовска.

Добар завршеток на навистина тешка година претставува последниот успех на Арсовска со избор за нов мандат во Глобалниот комитет на жени лидери со кој претседава Колинда Грабар-Китаровиќ, поранешен претседател на Хрватска. Глобалниот комитет е составен од уште 11 светски познати членови меѓу кои Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела – име кое претставува одраз на лидерството во 21 век.

– Горда сум на успехот и достигнувањето на меѓународните позиции, на кои досега никогаш немало Mакедонец. Tие за мене претставуваат највисоко признание за досегашните резултати, како и потврда за тоа дека со знаење и интегритет може да се постигне глобално признаен успех – вели Арсовска.

Продолжува утре. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот