Формирана е Балканска мрежа за краток филм

Во пресрет на шестото издание на фестивалот за краток филм „Дрим шорт“ од 6 до 9 август во Струга, во соработка со партнерите од регионот „Башта фест“ (Србија) и „Синема филм фестивал“ (Црна Гора), основана е „Балкан шорт филм нетворк“, мрежа за промоција на краткиот филм во регионот и едукација на млади филмски автори.

Тимот на „Дрим шорт“ за „Филмски печат“ ја нагласи целта за регионално и интернационално вмрежување со други фестивали од овој вид.

– Овие врежувања се од исклучително значење за фестивалот, бидејќи му помагаат да биде во чекор со европските филмски модерни текови и да ја оствари својата идеја да стане регионално филмско јадро. Најпрво, „Дрим шорт“ соработуваше со филмски фестивали вклучувајќи нивни гостински филмски програми, а потоа се проширивме и во едукативната сфера, соработувајќи со платформи како „Ниси маса“ за организирање на работилници за сценарио за краток филм, како и со фестивали за одржување на мастеркласови и дискусии. Годинава, се вклучивме во формирањето на Балканската филмска мрежа за краток филм заедно со „Башта фест“ и „Синема филм фестивал“, со визија за делување во креативно-едукативната сфера и промоција на кратката филмска форма – велат од тимот на „Дрим шорт“.

Првиот проект на Балканската мрежа за краток филм ќе се реализира на три регионални фестивали

Прв проект на мрежата е проширувањето на едукативната програма „Башта пич“, чија цел е да собере филмски автори од Македонија, Србија и Црна Гора. Ќе бидат избрани пет проекти за краток игран филм до 30 минути.

– Избраните проекти ќе учестуваат на работилниците „Башта пич“ на „Башта фест“, „Fund Ready“ на „Дрим шорт филм фестивал“ и „Festival Ready“ на „Seanema Film Festival“. Секој проект ќе има по двајца претставници, режисер и продуцент, а во рамките на оваа програма ќе учествуваат вкупно 10 учесници. Впечатоците ќе се сумираат во октомври на веб-конференција, а проектите ќе бидат претставени пред пошироката публика. Најдобриот ќе биде награден со 1000 евра за почеток на реализација на филмот. Пријавите се отворени до 20 мај – информираат од „Дрим шорт“.

Додаваат и дека годинава на шестото издание на фестивалот ќе има богата програма.

– Освен првиот проект на Балканската филмска мрежа, најзначајни за нас годинава се уште неколку интернационални и регионални соработки, како онаа со „Сараево филм фестивал“ и соработката со „Торино шорт филм маркет“, чии детали ќе ги објавиме наскоро. „Дрим шорт“ годинава ја проширува и својата програма додавајќи VR-селекција, со тоа сме и првиот фестивал во државава што на ваков начин ќе промовира VR-доживувања како нова и модерна форма на раскажување приказна (сторителинг). Подготвуваме и многу изненадувања за музичката Оф-програма, што несомнено е автентичен белег на нашиот фестивал – изјавија од тимот.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 29 април 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот