Фон дер Лајен заминува за Тирана за учество на Самитот на Берлинскиот процес

Урсула фон дер Лајен/ Фото EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска ќе отпатува за Тирана, каде што утре ќе учествува на Самитот на Берлинскиот процес, кој првпат се одржува во една од земјите во регионот на Западниот Балкан.

Како што соопшти Еврокомисијата, предвидено е попладнево Фон дер Лајен да се сретне со албанскиот претседател Бајрам Бегај и со премиерот Еди Рама, со кои ќе разговара за процесот на пристапување на Албанија во ЕУ.

Утре, за Самитот на Берлинскиот процес, на кој ќе учествуваат шефови на држави или влади од Западниот Балкан, на Фон дер Лајен ќе и се приклучи и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Самитот ќе биде можност претставниците на ЕУ да разговараат со регионалните лидери за новиот План за раст на Западниот Балкан, кој моментно го подготвува Европската комисијата и кој има за цел уште од сега да им овозможи на граѓаните на земјите од регионот да ги почуствуваат придобивките од членството во Унијата, како што се пристапот до единствениот европски пазар, регионалната економска соработка, забрзувањето на фундаменталните реформи и зголемената финансиска поддршка.

Планот за раст ќе ја надополни поддршката за земјите од Западниот Балкан, што веќе е обезбедена во рамки на Економскиот и инвестициски план на ЕУ од 30 милијарди евра, започнат во 2020 година, кој досега мобилизираше 16 милијарди евра инвестиции за водечки проекти во регионот.

– За време на Самитот, лидерите од регионот ќе разговараат за напредокот на Заедничкиот регионален пазар на Западниот Балкан, вклучувајќи го и спроведувањето на регионалните договори за мобилност, потпишани минатата година во Берлин. Самитот, исто така, ќе го потврди неодамнешното намалување на трошоците за роаминг во регионот и ЕУ, што претставуваше фундаментална поддршката на Комисијата и Советот за регионална соработка, се додава во соопштението.

Предвидено од Самитот да произлезат серија заедничи изјави на земјите од Западниот Балкан во врска со соработката во областите, како што се заштита на климата и справување со загадувањето на животната средина, дигиталната транзиција, олеснувањето на трговијата и транспортот, амбицијата за нивно приклучување во Единствениот платен простор на еврото и намерата за формирање опсерваторија за конвергенција.

Утре, Фон дер Лајен ќе присуствува и на отворањето на Канцеларијата за врски на Колеџот на Европа во Тирана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот