Фолкерите Татјана и Новица од Австралија повторно во Македонија: Му благодарам на Бога, во животот засега ни е сѐ таман

Фото: Приватна архива

Татјана Лазаревска и Новица Василевски по цели девет години, откако се преселија во Австралија, снимија нова песна, во Скопје. Фолк-пејачите се сега на одмор дома, во Македонија и како дует ќе настапат на претстојното издание на „Охрид фест“, на сцената на Долни Сарај, на 1 септември.

Фото: Принтскрин/Фејсбук

Фолк-пејачката, која неодамна со сопругот, со синовите и со мајка си беше на одмор во Грција, вели дека песната што ја снимиле со Новица е автобиографска, а се пее за нивната љубов.

– Овде во Македонија снимаме по речиси 9 години, не сме снимале практично откако заминавме. Инаку, песната е автобиографска. „Љубов ни е име, а пак среќа презиме, песна место потпис, тоа е наш краток опис“. Прекрасен текст на колегата Горан Тодоровски – ни раскажа Татјана за песната чија музика ја напиша Сехуан Секо Мемедов.

Фотографии од снимањето во студио таа објави на својот фејсбук-профил.

Татјана и Новица во студио, на снимање на новата песна/Фото: Принтскрин/Фејсбук

Во однос на тоа што е сменето на подобро, а што на полошо во Македонија, откако последен пат биле, Татјана вели:

– Ние секогаш супер си поминуваме, затоа што само дома си е дома… доста работи се смениле и на подобро и на полошо, но ние искрено не обрнуваме внимание на тоа. Нас нѐ интересира само нашата фамилија, пријателите и песната – вели Татјана.

Раскажува дека и таа и сопругот Новица имаат редовна работа од понеделник до петок во Мелбурн, а во текот на викендите настапуваат на прославите на нашинците во повеќе градови во Австралија или се релаксираат во друштво на пријатели. Работат и нивните синови, Петар и Стефан.

– Австралија е добра земја за живеење, сѐ е добро организирано и функционира. Ние си работиме од понеделник до петок, а викендите се резервирани за дружби и музика. МУ благодарам на Бога сега-засега сѐ е по таман. Јас работам како учителка во градинка, а Новица вози автобус во јавен транспорт – раскажува фолк-пејачката.

Татјана, Новица, Стефан и Петар во Мелбурн, пред летот за Скопје минатиот месец/Фото: Принтскрин/Фејсбук

За синовите, кои како основци заминаа со родителите во нова средина, Лазаревска вели:

– Петар има 19 години, заврши средно училиште, се занимава со спорт и работи, а Стефан има 16 години, учи средно – 10-то одделение и хонорарно работи како бербер – вели Тања за синовите.

Во нивната куќа во Мелбурн често се собираат гости, а Лазаревска и Василевски сакаат да ги пречекаат сите колеги што од Македонија доаѓаат на настапи во Австралија. Друштво се собира и за нивните семејни веселби, родендени, слава и за годишнината од брак која ја прославија неодамна.

– Оваа година славевме 20 прекрасни година од брак. Само разбирање, поддршка и љубов. Тоа е формулата за успешен брак – вели Татјана.

Откако пристигнаа во Македонија, на крајот од минатиот месец, фолк-двојката имаше неколку настапи во Скопје и низ уште неколку градови, а со нетрпение го очекуваат фестивалскиот настап во Охрид.

Во Мелбурн често се дружат со Маријана Новачевска, сестрата близначка на Росана Сариќ-Тодоровска, која си замина од Скопје токму кога Новица и Татјана со синовите пристигнаа.

Татјана на плажа во Неи Пори во Грција/Фото: Принтскрин/Фејсбук

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот