Финансиска полиција и УЈП ги проценуваат злоупотребите и шемите со поевтината струја

Управа за финансиска полиција
Управа за финансиска полиција / Фото: МИА

Регулаторната комисија за енергетика до Управата за финансиска полиција доставила известување и барање за вршење на инспекциски надзор, а во врска со наводниот неоснован премин на корисници на електрична енергија од либерализиран пазар на регулиран пазар, каде цената на електричната енергија е далеку поповолна и поевтина, велат за „Слободен печат“ од УФП.

Од Управата додаваат дека веќе извршиле проверки во одредени правни субјекти, а за добиените сознанија е известен и надлежен јавен обвинител. Во меѓувреме, се проверуваат и други правни субјекти, а по нивното завршување Управата за финансиска полиција согласно Законот за финансиска полиција и Законот за кривична постапка, дополнително ќе го извести надлежното Јавно обвинителство, додаваат од институцијата.

-Постапувајќи по добиеното известување и барање за вршење инспекциски надзор од Регулаторната комисија, Управата за финансиска полиција активно презема мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела во нејзина надлежност. Од наша страна беа извршени проверки во одредени правни субјекти, а за добиените сознанија со соодветен писмен поднесок е известен надлежен јавен обвинител – велат од УФП за „Слободен печат.

И од Управата за јавни приходи, за „Слободен печат“ информираат дека по службена должност, ги добиле информациите за фирмите.

-Процесот го води Финансиската полиција а УЈП заедно со останатите надлежни институции е во постојана координација и комуникација a во насока на утврдување на фактичката состојба. Тимови од повеќе институции, координирано заедно со истражните органи работат со цел да се констатираат евентуалните злоупотреби и штетата – велат од УЈП.

Во однос на тоа дали фирмите направиле прекршок на Законот за енергетика, потребно е одговор да се бара во Министерство за економија или Регулаторна комисија за енергетика кои што ги следат и спроведуваат одредбите од овој закон.

-УЈП, нема надлежност да бара одговорност и да утврдува неправилности по овој закон, ниту да утврдува од кои причини на иста адреса се поставени неколку броила за електрична енергија или пак кај кој корисник имало промена на локација, различна од претходно склучениот договор со снабдувачот на ел енергија. Истото е обврска на Министерство за економија, Државниот пазарен инспекторат, Регулаторната комисија за енергетика и истражните органи МВР и Управата за финансиска полиција заедно со компанијата со која се склучени договорите за снабдување со електрична енергија. Евентуалните злоупотреби на кои упатувате со вашето прашање, може да утврдат и докажат само со спроведување на истражна постапка од страна на истражни органи. Од даночен аспект, доколку правните лица корисници на електрична енергија, добиваат фактури за електрична енергија во кои електричната енергија се фактурира по друга – повисока тарифа, истото значи и повисок износ на влезен ДДВ на кој имаат право на одбивка и зголемување на трошоците што се намалува добивката и даночната основа за данок на добивка објаснија од Управата.

Бектеши: Во кризна состојба се наметнуваат други правила

ЕВН и Регулаторната комисија за енергетика ги имаат списоците на новите компании кои влегле на регулираниот пазар. А, дали тие компании постапиле според регулативата, тоа треба да го проверат соодветните институции, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

-Донесовме одлука, согласно можноста што ни ја дава Одлуката за прогласување на кризна состојба во енергетиката, автоматски да се остранат тие што не се за регулираниот пазар. Ние, во кризна состојба може да наметнуваме права и обврски на носителите на лиценци за енергетика – додаде Бектеши.

Претходно Бектеши соопшти дека РКЕ од 1 декември ќе ги исклучи фирмите кои го злоупотребија регулираниот пазар и ќе ги префрли на отворениот, а ќе бидат гонети за разликите во наплатата на ДДВ од 5 до 18 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот