Филмскиот автор Џон Џост беше гостин на „Синедејс“

Во рамките на фестивалот „Синедејс“, како дел од специјалната програма, на 12 јули публиката имаше прилика да ја гледа проекцијата на „Креветот во кој спиеш“ (1993) на независниот американски филмски автор Џон Џост, и да присуствува на мастерклас на кој Џост говореше за неговите искуства и гледишта на кинематографијата.

„Креветот во кој спиеш“ (1993) е еден од најпознатите филмови на Џост. Приказната ги следи животите на Реј и неговата сопруга Џин, чиј живот се врти наопаку кога нивната ќерка им праќа писмо од колеџ, во кое тврди дека открила потиснати сеќавања за сексуална злоупотреба и оти злоставувачот е Реј. Сценариото е на Џост, кој е и кинематографер и монтажер на филмот. Продуцент е Хенри Розентал. Улогите ги толкуваат Том Блер, Маршал Гадис, Елен Меклафлин, Кетрин Санела, Бред Шелтон и Томас Морис.

Џост е роден во 1943 година во Чикаго. Избркан од колеџ во 1962 година, почнал да снима 16 мм филмови во 1963 година. Има снимено 41 долгометражен филм до 2013 година, како и повеќе од 30 краткометражни филмови, и сите ги има сам осмислено, напишано, снимено, режирано и монтирано; повеќето и продуцирано. Од 1996 година работи само во дигитално видео. Се занимава и со фотографија и сликарство и пишува и свири кантри музика. Филмовите на Џост се прикажувани на Берлинале, Филмскиот фестивал во Карлови Вари, Санденс и други.

 

Како вовед во мастеркласот беше прикажан филмот „Креветот во кој спиеш“ (1993)

Преку дискусија и анализа на примери од различни фази на неговото творештво, Џост ги изнесе своите искуства како филммејкер.

– Се сметам за аматерски филммејкер, бидејќи професионалците се платени, а јас не заработувам многу од ова, работам од љубов. Правам филмови веќе 59 години. За мене правењето филмови е како лоша навика, како цигари. Не знам како да престанам, рече Џост, и додаде: „Не работам класично, со препродукција, постпродукција. Кога мислам на правење филм, имам генерална идеја и знам што ќе биде дури кога ќе ги спојам актерите и приказната на едно место. Не пишувам наративи по кои се придржувам. Со дигитализацијата сѐ е сменето, процесот дозволува повеќе импровизација и „пиши-бриши“. Кога ќе ги соберам и видам луѓето, знам што да барам од нив. Во филмскиот процес мразам да зборувам за пари. Затоа немам продуценти, го мразам тој дел“.

Иако неговото име е едно од најзначајните, овој филммејкер е исклучително скромен и приземен.

– Имав 800 долари. Купив камера, и билет за 150 долари од Америка до Европа, и стигнав со 50 долари. Во јануари 1963 со нула искуство и без пари го направив првиот филм. Не мислев на правење пари од филмови следните 10 години. Потоа добив грантови. Филмот „Креветот во кој спиеш“ е направен со парите од претходниот филм. Буџетот на секој филм ми изнесува од 50 до неколку стотици долари, најмногу 1000. Некогаш снимаме по 3-4 часа на ден, па правиме пауза од неколку дена, па снимаме уште 2 часа и излегува одличен филм. Во врска со актерите, преферирам микс од професионални и непрофесионални актери на едно место, од психолошки причини, бидејќи аматерите се помалку несигурни на тој начин, а и професионалците се помалку вообразени – откри Џост.

На прашањето „Што е кино?“, Џост подеднакво скромно објаснува: „Не сакам да зборувам за киното какво што го знаеме, бидејќи 80 проценти од времето луѓе зборуваат за други луѓе, а 20 проценти луѓето сакаат да ти продадат нешто“, смета тој, и заклучува: „Сѐ што ќе снимите можете да го наречете филм, но прашање е дали ќе го наречат добар, интересен филм. Треба да нѐ допира интелектуално и емотивно за да го наречеме добар филм. Знам дека правам филмови за лимитирана публика, но не ми смета ако не се допаднат секому. Секој човек има работи што ги сака и работи што не ги сака“, заклучи Џост. Фестивалот „Синедејс“ се одржа од 7 до 14 јули, а на репертоарот имаше повеќе од 50 филмови. Мастеркласот на Џон Џост беше реализиран во соработка со „Ми Филм“.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 15 јули 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот