Анте Поповски (1931 - 2003)

Филмски омаж за Анте Поповски ја открива неговата дејност на полето на филмската уметност

Во Кинотеката на РС Македонија од 3 до 6 јуни, во соработка со Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, ќе се одржи филмски омаж на академик Анте Поповски по повод 95 години од раѓањето на поетот.

Филмскиот омаж ќе биде можност да се прикажат повеќе филмови во кои Анте Поповски (1931 – 2003) е сценарист или продуцент, со што јавноста ќе се запознае со уште еден, делумно запоставен аспект на творечката личност на Анте Поповски – неговата дејност на полето на филмската уметност.

Куратор на програмата е филмологот советник во Кинотеката, вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, кој на отворањето ќе има воведен збор, а извадоци од есеистичкото творештво на Анте Поповски ќе интерпретира актерката Софија Гогова Врчаковска.

Така, во среда на 3 јуни, на роденденот на поетот, во 19 часот ќе бидат прикажани првиот македонски кандидат за „Оскар“, документарниот филм „Дае“ од 1979 г. на режисерот Столе Попов и играниот филм „Планината на гневот“ од 1968 г., на режисерот Љубиша Георгиевски, обата работени по сценарија на Анте Поповски.

Во четврток, на 4 јуни, во 19 ч. ќе бидат прикажани кусометражните документарни филмови „Кој век минува надвор деца“ (1975) на Љубиша Георгиевски, „Џафра“ (1978) на Кирил Ценевски и „Врати на бескрајот“ (1982) на Владимир Блажевски, сите по сценарија на Анте Поповски.

Во петок, на 5 јуни, во 20:30 ч., во летното кино на Кинотеката, на отворено, ќе бидат прикажани долгометражните играни филмови „Време, води“ (1980) на Бранко Гапо и „Црвениот коњ“ (1981) на Столе Попов, во кои Анте Поповски се јавува како продуцент, односно тогашен директор на продуцентската куќа „Вардар филм“.

Филмскиот омаж завршува во сабота, на 6 јуни, во 19 ч., со проекција на портретите на венцоносците на поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ – „Рафаел Алберти“ (1979) и „Ежен Гилвик“ (1979), како и документарниот филм „Мостови – Струшки вечери на поезијата“ (1982), сите три во режија на Кирил Ценевски, а по сценарија на Анте Поповски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот