Филмска ретроспектива во Кинотеката: „Гледање со срцето“
Во Кинотеката на Македонија од 14 до 16 мај се одржува ретроспектива на документарните остварувања на филмската сценаристка и режисерка Билјана Гарванлиева (1973 – 2016), која со малку дела остави силна трага во македонската кинематографија.
Препорачано
Документарното филмско творештво на Билјана Гарванлиева во фокус го става современиот живот со теми кои го акцентираат социјалниот статус на протагонистите. Во рамки на филмската ретроспектива во Кинотеката, за делата на Гарванлиева ќе зборуваат Сунчица Уневска, Георги Унковски, Марија Џиџева и Мануел Цимер. Програмата во Кинотеката содржи четири документарни и еден недовршен филм.
Филмот „Македонски сон – девојчето со хармониката“ (Германија, 2006, 30 мин.) зборува за Емилија, која е 17-годишно девојче кое си го бара местото под сонцето. Во текот на целата година вежба на скалите од училиштето и во ходникот дома. Со својата стара и расипана хармоника заминува на најважниот натпревар во нејзиното музичко образование. Тоа е филм за созревањето во еден од најзапуштените краишта на Европа.
Документарецот „Шивачките“ (Германија, 2010, 30 мин.) е снимен во Штип, мало гратче во Македонија каде традиционалните улоги се свртени наопаку. Додека жените работат кај единствениот работодавач – блиската текстилна фабрика, невработените мажите своето време го минуваат по кафеани. Филмот дава поглед зад завесата на глобализацијата.
Филмот „Девојчето што бере тутун“ (Германија, 2009, 30 мин.) ја следи приказната на 14-годишната Мумине, која живее во село во ридестите предели на Македонија каде што се одгледува тутун. Таа сонува да оди на училиште за еден ден да изгради самостоен живот, но нејзините родители, кои припаѓаат на јуручката заедница, сакаат да ја продадат како невеста. Станува збор за многу личен филм за судирот меѓу традицијата и модерноста во една малку позната култура.

„После дождот“ (Македонија, 2013, 20 мин.) е првиот документарен филм на Гарванлиева за климатските промени. Документарецот прикажува четири жени, на возраст од четириесет до осумдесет години, кои работат како земјоделки на село. Потекнуваат од различни заедници – македонска, турска и албанска – и секоја има различен однос кон својата земјоделска работа. Овој 20-минутен филм со климатски сведоштва се фокусира на стравовите и на предизвиците со кои се соочуваат овие жени занимавајќи се со земјоделство, како една од гранките најпогодени од климатските промени.
На 16 мај ќе биде прикажан недовршениот филм „Тетовски самрак“ (Македонија, 2016/19, 63 мин.), кој ја опишува состојбата на една генерација која живее меѓу надежта и реалноста и го поставува прашањето на вистинскиот живот во катастрофални околности. Сите протагонисти сонуваат за подобра иднина на друго место, сега или во минатото.
Во 2011 година на Билјана ѝ беше дијагностициран рак. Меѓу копнежот и безнадежноста, почна да работи на својот нов проект. Со „Тетовски самрак“ Билјана не само што сакаше да сними нов филм за својата земја преку истражување на суштината на спротивставеноста меѓу Албанците и Македонците, туку и повторно ја откри својата татковина и си го постави прашањето: Како може да се остварат соништата кога околностите се катастрофални? Билјана почина во септември 2016 година после завршувањето на првата фаза од снимањето.
„Филмската авторка од Скопје беше една од најпроникливите културни медијатори меѓу Балканот и Централна Европа. За својата прецизна и емотивна опсервација, како и за својата аналитичка острина, Гарванлиева освои многубројни меѓународни филмски награди, меѓу кои и Германска награда за краток филм (2007) и Наградата за најдобар документарец ‘Срцето на Сараево’ (2010). Со смртта на Билјана Гарванлиева, кинематографијата на Југоисточна Европа и Германија изгубија автор кој ги следеше своите протагонисти на нивниот животен пат со голема доза на хумор и така стануваше конструктивен и критички глас во регионот од кој потекнуваше“, напиша германскиот филмски критичар Бернд Будер во 2016 година.


