Филмска продукција: Во Скопје се снима играниот филм „Мими“

На повеќе локации во централното градско јадро во Скопје од 13 октомври до 16 ноември ќе се одвива снимањето на новиот македонски игран филм „Мими“ во режија на Даријан Пејовски и во продукција на „Скопје филм студио“.

Продукцијата „Скопје филм студио“ почна со снимањето на филмот „Мими“ во режија на Даријан Пејовски. Како проект од Национален интерес, филмот е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, а снимањето се реализира според утврдените протоколи за филм и заштита на јавното здравје. Станува збор за второ долгометражно филмско остварување на режисерот Даријан Пејовски, кој во својата филмска биографија како режисер ги запиша „Три дена во септември“ (2015), неколку краткометражни филмови, а во изминатиот период работеше и на ТВ-сериите „Фамилија Марковски“, „Инсајдер“ и „Преспав“.

Во овој филмски проект, режисерот фокусот го става на два женски лика, портретирани од млади македонски актерски таленти, кои ќе ги видиме во филмските кадри поддржани од искусна машка актерска екипа, предводена од Оливер Митковски.

Даријан Пејовски, режисер

– „Мими“ е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со eкстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија. „Мими“ е филм за површноста и за лажните фасади што ги покажуваме пред другите. Снимаме во строгиот центар на градот и Скопје е еден од главните ликови во филмот – изјави режисерот Даријан Пејовски.

Сценариото на филмот, исто така, е на Пејовски и на неговото развивање работел околу две години. Филмот го снима искусниот кинематографер Дејан Димески, кој објасни дека филмот го снимаат во реалниот урбан амбиент на Скопје без дополнителни стилизации на фотографијата. Во филмот ќе има многу ноќни сцени, кои ќе се снимаат со амбиенталното светло на градот. Тој додаде дека првпат соработува со Пејовски на долгометражно остварување.

Актерките Тамара Ристоска и Наталија Теодосиева на снимање на сцена од филмот „Мими“

Насловната улога Мими во филмот ја игра актерката Наталија Теодосиева, која во изминативе неколку години често ја гледаме на филмското платно во различни остварувања. Овој пат игра улога на девојка што потекнува од помал град и доаѓа во големиот град за да избега од некои стеги и норми што претходно ја движеле и ја носеле низ животот. Доаѓајќи во големиот град, Мими го осознава животот на поинаков начин, се соочува со општествени и социјални проблеми и почнува да се бори со нив. Воочувајќи го лицемерието на луѓето, таа става различни маски за да може да се снајде во општеството.

Покрај Теодосиева во филмот играат и Тамара Ристоска, Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Стефан Спасов, Дениз Абдула, Владимир Петковиќ и други.

Томи Салковски, продуцент

Продуцентот Томи Салковски открива дека најголем предизвик во овој период било да се организира снимањето во услови на корона-криза. Протоколите за снимање се одобрени од надлежните институции, а филмската екипа работи со двојна заштита. Подготовките на филмот почнале пред две години, а на подготовките на снимањето работат веќе два месеца.

Филмот е поддржан од македонската Агенција за филм, а се реализира во копродукција со Косово и со Хрватска. Постпродукцијата на филмот ќе се одвива во Хрватска. Во екипата што работи на филмот се сценографот Игор Тошевски, костимографката Емилија И. Атанасовска, шминката и фризурите се на Ива Куробаса од Хрватска, додека копродуценти се Дамир Терешак од Хрватска и Газменд Нела од Косово.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 53, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 октомври 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот