Филмот „Утре наутро“ на Јани Бојаџи носи приказна за две силни жени
Филмот „Утре наутро“ во режија и по сценарио на Јани Бојаџи ја доживеа својата премиера пред многубројна публика, која на 19 ноември исполни четири сали во „Синеплекс“ во Скопје.
Препорачано
Приказната за две жени кои бараат доволно причини, едната да замине, а другата да остане во земјата, полни со надеж дека утре наутро ќе биде подобро од денеска, ја погледнаа бројни претставници на политичкиот и културниот живот во земјава.
– Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени – истакна Јани Бојаџи, режисер и сценарист на филмот.
Аида, млада докторка Ромка, е силувана од нејзин постар колега, инаку влијателен хирург. Корумпираниот суд ја отфрла нејзината тужба со образложение дека за време на настанот таа не давала доволно силен отпор. Јоана Пеласка, сопруга на поранешен премиер, и нејзините деца се прогонувани заради видео-фајлот на кој се гледа што се случило во нивната куќа вечерта кога американскиот амбасадор од таму ќе украде мала бронзена античка фигурина на која е претставено „Силувањето на Европа“.
Аида од жртва се претвора во насилник. Јоана е прогонувана од корумпираната политичка елита со моќ, за дела што ги направила во минатото. И од насилник се претвора во жртва. Откако ќе им се вкрстат животните патишта, двете жени бараат доволно причини – едната да замине, а другата да остане во Македонија и се ќе се преврти наопаку откако малолетниот син на Јоана ќе убие полицаец на должност…

Сценарист, режисер и продуцент на филмот е Јани Бојаџи, извршен продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Дарио Секуловски, монтажер е Давид Дулев, продукцискиот дизајн е на Јани Бојаџи, сценограф е Гоце Попов, костимограф е Зорка Тодорова, шминкер е Ирена Сенокозлиовска, композитор на музиката е Јани Бојаџи.
Во главните улоги настапуваат Нина Деан и Ирена Илиевска, а во останатите улоги играат Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска.
Од 20 ноември почна целосна дистрибуција на филмот низ Македонија почнувајќи во Штип, Велес, Богданци, Струга и Крива Паланка. Продуценти на филмот се „Синемон медија фактори“ и „Револушн продакшн“ во соработка со Алфа Национална телевизија.


