Тајфунот Рагаса ги погоди Филипините/Фото: John Dimain / AFP / Profimedia

Филипини: Претседателот се закани со апсења поради лажни проекти за контрола на поплави

Филипинскиот претседател вети вчера дека лицата вклучени во скандалот со висок профил поврзан со изградбата на „лажната“инфраструктура за контрола на поплави  ќе бидат уапсени пред Божиќ, откако два тајфуни оставија огромен број жртви и поплавија делови од земјата, објави АФП.

Во земјата расте гневот поради најобемниот корупциски скандал во последниве децении, кој претседателот Фердинанд Маркос го стави во центарот на своето обраќање за „состојбата на нацијата“ во јули.

Додека жителите сè уште се опоравуваат од тајфунот Фунг-вонг, кој одзеде најмалку 27 животи на архипелагот, Маркос рече дека постапките против повеќето вклучени во проектите за лажна контрола на поплави се речиси завршени.

„Не поднесуваме тужби за да дадеме добра слика. Поднесуваме тужби за да ги ставиме луѓето во затвор“, им рече претседателот на новинарите.

„Нема да има среќен Божиќ… Среќните денови завршија“, додаде тој.

Раководители на градежни компании, државни службеници, па дури и членови на парламентот се вмешани во случајот: тие се обвинети дека бараат од 10 до 25% од јавните средства наменети за секој проект како провизии.

Десетици илјади граѓани демонстрираа во септември во знак на протест против овие случаи на корупција. Скандалот доведе до соборување на претседателот на Сенатот и претседателот на Долниот дом, Мартин Ромуалдез – братучед на претседателот.

Маркос појасни дека неговиот братучед „засега“ не се соочува со истрага, наведувајќи недостаток на докази. Но, додаде тој, „никој не е ослободен од оваа истрага“.

Филипините сè уште се опоравуваат од пустошот предизвикан од супертајфунот Фунг-вонг, кој ја погоди земјата во неделата, поплавувајќи стотици села.

Неколку дена претходно, тајфунот Калмаги го зафати централниот дел од архипелагот, при што загинаа најмалку 232 лица. Според Министерството за финансии, наводните проекти за контрола на поплавите ја чинеле економијата на земјата околу 118,5 милијарди пезоси (1,7 милијарди евра) помеѓу 2023 и 2025 година.

Најмалку дваесет бури или тајфуни ги погодуваат или се приближуваат кон Филипините секоја година. Најсиромашните области на архипелагот обично се оние што најтешко страдаат. Земјата од Југоисточна Азија е исто така погодена од зголемувањето на нивото на морето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот