Филипче: Во војна сме со Ковид 19

Тој обраќајќи се до јавноста, рече дека бројката на заразени во светот расте и дека вирусот не дискриминира ниту по ниту еден критериум, а за тоа е доказ фактот што почина млад човек.

Триесет и едногодишнотиот пациент, кој починал од коронавирус утринава, бил од Скопје и се лекувал на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби од 23 март. Неговата состојба нагло се влошила и дошло до распад на белите дробови. Имал тешка клиничка слика и претходно, бил интубиран и поставен на респираторна машина вчера, но тоа за жал не дало резултат. На прашањето на Слободен печат, од кој кластер е пациентот, односно со кого имал контакти за да се зарази, министерот за здравство доктор Венко Филипче најави дека ќе се проверат епидемиолошките анкети и листови.

Еден ризик фактор е обезноста што ја имал но, клиничката слика и начинот на влошување на клиничката слика е практично најтешката форма на влошување опишана во литературата. Со нагло влошување, со нагол пад на сатурацијата односно врзувањето на кислородот. Клиничка слика со крварење и практично распад на белите дробови, рече Филипче.

Тој обраќајќи се до јавноста, рече дека бројката на заразени во светот расте и дека вирусот не дискриминира ниту по ниту еден критериум, а за тоа е доказ фактот што почина млад човек.

Почитувани граѓани, сакам да кажам дека пандемијата во светот не стивнува. Напротив, бројката постојано расте, вирусот не заобиколи ниедна земја, не ја заобиколи ни нашата. Бројката на потврдени расте, но добро е што се зголемува за ист број секој ден, што му дава шанса на нашиот систем за издржливост без да бидат пренатрупани нашите капацитети. Но, уште сме во војна со вирусот ковид 19. Влегуваме во вториот месец во борбата со пандемијата која донесе страв и несигурност кај сите. Пред нас е најтешкиот период и бројот на заразени и кај нас и во светот ќе расте. Ни претстои за жал период во кој ќе расте бројот на починати, за ова сите мора да бидеме свесни. Денеска имаме и млад човек кој почина, што е доказ дека вирусот не штеди никој, никој не е ниту имун ниту заштитен од него. Сите кои досега не беа убедени во опасноста на вирусот, сега верувам дека им е јасно дека е ова сериозна закана, дека мораме да се однесуваме сериозно кон неа. Нема да биде лесно, затоа упатувам апел сите да ги почитуваат препораките, да не се шири паника, да се однесуваме максимално претпазливо зашто од ова зависи успехот, од секој еден од нас зависи, рече Филипче.

Кај сите лица на кои екокардиограмското тестирање не утврдило аномалија на срцето, им е дадена терапијата од антибиотик и лек против маларија, но уште е рано да се каже како лекот делува врз нив и дали е успешен. За првите резултати треба да поминат 5 до 7 дена.

Шеснаесет нови лица се дијагностицирани со коронавирус, по што вкупниот број е 257 пациенти.
На Инфективната клиника има 7 пациенти со потешка клиничка слика, пневмонија.

Ќе биде разрешена директорката на Охридската болница, поради тоа што 66 годишна пациентка со ковид 19 не била примена да се лекува таму иако имало упат за тоа од специјалист, по што оваа пациентка почина. Ќе се бара одговорност и кај други вклучени во овој процес.

Неделава ќе се отворат нови пунктови во Скопје во поликлиниката Чаир и во поликлиниката Млин Балкан. И во овие пунктови ќе може да се закаже тест за коронавирус, преку матичните лекари. Се работи на тоа да се соработува и со Авицена и Биотек за закажување тестови и таму. Мобилни тестови ќе почне да се спроведуваат во Скопје, кај семејства кои треба да се третираат побрзо. Од вчера има подлога за модуларна болница со 130 кревети до Инфективната клиника.

Министерот апелираше заболените да не се стигматизираат а истото се однесува и на оние кои се во карантин.

-За карантинот, никој не треба да биде стигматизиран. Никако заболените, а уште помалку тие во карантин кои се здрави луѓе и тоа е модел кој не штити сите нас. Тие се сместени во солидни услови, сите се прегледани од епидемиолог и интернист нема ниеден заболен од ковид 19. Тие наши сограѓани не се опасност ни за околината ни за градовите во кои се, рече Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот