Фото: EPA/JEAN-CHRISTOPHE BOTT

ФИБА и НБА во јануари стартуваат со реализација на проектот: Еве што е сега ветено

ФИБА и НБА во јануари ќе продолжат со работата на основање нова паневропска кошаркарска лига, при што во процесот на приклучување ќе бидат вклучени и потенцијални клубови и сопственички групи.

Покрај постојаните места, новата лига ќе им понуди шанса на клубовите од националните првенства на европските земји членки на ФИБА да обезбедат учество според заслуги на годишно ниво – преку Лигата на шампионите или преку квалификациски турнир на крајот од сезоната.

„Лигата ќе го усогласи својот календар со распоредите на домашните лиги и репрезентативните натпревари, овозможувајќи им на играчите да настапуваат и за своите клубови и за националните тимови во текот на целата година“, се наведува во заедничкото соопштение на НБА и ФИБА.

Дополнително, посебно внимание ќе биде посветено на финансиската поддршка и обезбедувањето ресурси за континуиран развој на европскиот кошаркарски екосистем – вклучувајќи ги националните лиги, младинските академии на клубовите, како и програмите за играчи и тренери.

„Понатамошниот напредок на овој заеднички проект е одлична вест за европската кошаркарска заедница. Форматот на лигата ќе ги почитува принципите на европскиот спортски модел, нудејќи им на амбициозните клубови фер пат до врвот. Проектот е замислен така што ќе ја подобри одржливоста на целиот европски кошаркарски екосистем – играчи, клубови, лиги и национални федерации“, изјави генералниот секретар на ФИБА, Андреас Загклис.

Комесарот на НБА, Адам Силвер, додаде дека разговорите со сите заинтересирани страни во Европа дополнително го зацврстиле уверувањето дека во основањето на новата лига постои огромна можност.

„Со нетрпение очекуваме да ги вклучиме клубовите и сопственичките групи кои ја делат нашата визија за потенцијалот на кошарката во Европа“, истакна Силвер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот