ФИА го одложи стартот на сезоната во Формула1, Мекларен прати 14 лица во карантин

EPA-EFE/SCOTT BARBOUR

Светската автомобилска федерација (ФИА) објави дека ја откажа трката за Големата награда на Австралија поради страв од ширење на коронавирусот.

Откако најголемите Ф1 ѕвезди јавно го кренаа гласот, ФИА одлучи да го откаже стартот на новата сезона во Ф1 шампионатот поради пандемијата со коронавирусот.


Првиот кој јавно ги нападна челниците на ФИА беше шесткратниот Ф1 шампион, Луис Хамилтон, а потоа во текот на вчерашниот ден неколку возачи како поранешните шампиони, Себастијан Фетел и Кими Раиконен ја напуштија Австралија и се вратија во Европа.

Сепак и покрај ваквиот развој на ситуацијата, малку фалеше трката за ГН на Австралија да се одржи со само шест болиди. Имено, на само два часа пред стартот на првиот официјален тренинг, сами три екипи биле подготвени да излезат на патеката Алберт парк во Мелбурн, Ред Бул, Алфа Таури и Рејсинг Поинт.

twitter/GPUpdate.nl

Шефовите на трите тима, Кристијан Хорнер (Ред Бул), Франц Тост (Алфа Таури) и Отмар Шафнауер (Рејсинг Поинт) на состанокот со првиот човек на Ф1, Рос Браун, изјавиле дека се подготвени да се тркаат се додека австралиските власти не одлучат поинаку. Но, противењето и цврстиот став на на најмоќните екипи како Ферари, Мерцедес и Рено, ги натера првите луѓе на Ф1 и на ФИА да ја откажат трката.

Возачите се задоволни од откажување на трката во Австралија и сметаат дека тоа е единствена исправна одлука.

– За жал ова е единствена исправна одлука. Ова никој не го сака, сите сакаме да бидеме во своите болиди и да се тркаме, но мора да бидеме реални и здравјето и безбедноста да ги ставиме на првото место. Реалноста е таква да многу луѓе секојдневно умираат од коронавирусот и сите треба да преземеме мерки на претпазливост за да бидеме сигурни – изјави Хамилтон.

Во меѓувреме, Мекларен објави дека 14 члена на тимот ќе бидат во карантин во наредните две недели поради контакт со заразениот член на тимот. Претходно беше откриено дека еден член на Мекларен е позитивен на коронавирус.

Сезоната во Ф1 би требало да започне со трката за Големата награда на Бахреин на 22 март, но постои голема можност и таа трка да биде откажана доколку не се запре ширењето на пандемијата на коронавирусот.

– Мислам дека откажувањето на трката во Бахреин е речиси неизбежно. Сè уште нема официјална потврда, но тешко ми е да замислам дека екипите се подготвени да заминат во Бахреин – изјави првиот човек на Ред Бул, Кристијан Хорнер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот