Фестивалот на анимиран филм „Флипбук“ додели награди во четири категории

Екипа којашто го реализираше петтото издание на „Флипбук филм фестивал“

На петтото издание на „Флипбук филм фестивал“, што се одржa од 8 до 11 август во Кинотеката на Македонија, беа прикажани близу сто филмови во главната, студентската, селекцијата на анимиран докуметарец, на анимирани музички видеа и европската панорама.

Жирито на главната и селекцијата на анимиран документарен филм, во состав Никица Гилиќ од Хрватска, Андријана Ружиќ од Србија и Влатко Галевски од Македонија, ги наградија следните филмови: наградата за најдобар филм во главната селекција е за филмот „Три птици“ на словенечката режисерка Зарја Менарт, а специјално признание доби филмот „Фустан за финале“ на хрватската режисерка Мартина Мештровиќ.

Во селекцијата на анимирани документарци главната награда ја доби „Дали е сега време да те оставам“ на Тајванката Ји Чин Цаи, а специјалното признание го доби португалскиот филм „Персебес“ на Александра Рамирез и Лаура Гончалвес.

Жирито на студентските филмови и анимираните музички спотови, во состав Гала Фрекон од Франција, Ана Опачиќ од Хрватска и Никола Радуловиќ од Македонија, наградата за најдобар студентски филм му ја додели на грузискиот „Румените образи на Маро“ на Маријам Жорданија, а двете специјални признанија отидоа кај „Адама“ на Дан Макс Ницан Мејер и „Закачена на илузии“ на Лаура Изабел Шнајдер.

Наградата за најдобар анимиран музички спот ја доби „Добитник“ на Капусин Гугле и Капусин Мулер, а специјалните признанија ги добија „Чао бела“ на македонскиот автор Александар Ристески и „Кучето Даги“ на Џереми Булар и Пол Буржоа.

Наградата за најдобар филм со еколошка порака, која секоја година ја доделува организацијата „Еко свест“, ја доби филмот „Чекање“ на Вокер Шлехт. Годинашното издание на „Флипбук филм фестивал“ е поддржано од Агенцијата за филм, организацијата „Еко свест“ и Кинотеката на Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот