Фестивалот „МакеДокс“ објави отворен повик за работилница за монтажа

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ објави Отворен повик за работилница за монтажа – Барање на слоеви со Џеспер Осмунд и Туе Стен Милер.

– Инспирирани од две наши успешни соработки, работилницата за монтажа во 2012 година со Џеспер Осмунд (Jesper Osmund) и работилницата за развој на идеи со Туе Стен Милер (Tue Steen Müller) во 2022 година, оваа година ќе бидат избрани 4 проекти за работилницата за монтажа. Возбудени сме што ги имаме данскиот монтажер Џеспер Осмунд и данскиот филмски консултант и критичар Туе Стен Милер на 14-тото издание на „МакеДокс“, кое е фокусирано на монтажата во документарниот филм – истакнуваат од „МакеДокс“.

Работилницата ќе се одржи од 18 до 20 август за време на фестивалот „МакеДокс“ во Скопје. Работилницата е наменета за 4 избрани режисери или тимови со проект во фаза на монтажа. Работилницата ќе се фокусира на идентификување на различни слоеви во филмот, со цел да помогне да се добие подлабоко разбирање на внатрешната приказна, да се обликуваат приказните и да се развијат посилни емоционални лакови.

За учество на работилницата може да аплицираат режисери со долгометражни креативни документарни филмови продуцирани, копродуцирани или снимени во земји од балканскиот регион, меѓу кои се Грција, Албанија, Бугарија, Северна Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Романија и Турција.

Рокот за пријавување е до 15 јули 2023 година.

Џеспер Осмунд е дански филмски монтажер, наративен консултант и учител. Тој е со седиште во Копенхаген и Буенос Аирес, со светот како негово работно место. До денес има измонтирано над 100 филмови.

Туе Стен Милер е документарен консултант и филмски критичар од Данска. Работел со документарни филмови повеќе од 20 години во Данскиот филмски одбор, како офицер за печат, претставник на фестивалот и филмски консултант/комесар. Предава во документарното училиште Зелиг во Болзано, Италија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот