Плакат за првата програмска вечер на фестивалот „Крик“

Фестивалот „Крик“ отвора простор за размислување за грижата не само како форма на одржување, туку како отпор

Фестивалот за критичка култура „Крик“ во текот на 2026 година ќе се одвива од април, па сè до доцна есен, како простор за континуиранo промислување, заедничко соочување и истражување во релација со овогодинешната тема „Грижа: начини да се биде заедно“.

Во време кога општествата низ светот и Европа се соочуваат со сè подлабока изолација, насилство, исцрпеност и фрагментација, прашањето како да бидеме заедно, грижливо, одговорно и посветено, станува истовремено итно и лично.

– Грижата ја промислуваме не исклучиво како приватна и емоционално засегната категорија, туку како колективна и политичка практика. Грижата ја читаме како серија граѓански, индивидуални и заеднички практики, што се јавуваат онаму каде што институциите потфрлаат и изневеруваат. Тие практики подразбираат спектар на начини на градење доверба, редефинирање и одново воспоставување на моделите на солидарноста и преобмислување на условите за демократски живот. Фестивалот не нуди готови одговори, туку отвора простор да размислуваме за грижата не само како форма на одржување, туку како отпор, не само како поддршка, туку и како начин на повторно присвојување на моќта – како нешто што се раѓа во меѓупросторот на ранливоста и одговорноста, помеѓу нужноста и можноста – истакнуваат од „Крик“.

Програмата почнува со две предавања кои ја поставуваат рамката на фестивалот: „Кураторство – грижата како задоволство и модел на работа“ од Франциска Вернер и „Грижа за граѓанската заедница“ од Карена Шлевит-Смит. Тие го практикуваат кураторството како комплекс на работни меѓучовечки односи, услови и заеднички простори, и ја прошируваат дискусијата кон пошироките општествени и политички димензии на грижата, како практика што се простира од личното кон колективното.

Во мај, програмата продолжува со програмата „Критичко читање преку филм“, во соработка со Фестивалот за човекови права од Загреб, курирана од Петар Милат. Селекцијата документарни филмови кои ја истражуваат емпатијата, солидарноста и заедничката одговорност, ја пренесува темата на грижа во филмска форма.

Во срцето на фестивалот, кон крајот на јуни, ќе следи серија јавни презентации посветени на три влијателни книги кои го обликуваат тематскиот хоризонт на изданието. Книгата „Пиратска грижа“ претставена од авторите Томислав Медак, Валерија Грациано и Марсел Марс, ќе отвори прашања за колективните инфраструктури на грижа и отпор. „Овој живот: Секуларна вера и духовна солобода“ од Мартин Хеглунд, ќе ги отвори темите за одговорноста, минливоста, слободата и секојдневната етика на заедничкото живеење, како и значењето и критичкото исчитување на демократскиот социјализам. Програмата ќе се заокружи со предавањеето и презентацијата на Алиса Жулина и нејзината исклучително важна театролошка и политичко филозофска книга, „Театарот на капиталот: модерната драма и економскиот живот“ (Theater of Capital: Modern Drama and Economic Life), со што ќе се прошири дискусијата кон интердисциплинарното поле кое ги поврзува економијата, театарот и општествениот живот.

Фестивалот продолжува во септември и октомври со уметничката програма, преку изложби, перформанси и интервенции во просторот, а повеќе детали ќе бидат објавени дополнително.

Програмата на 1 април, во КСП „Центар-Јадро“ ќе почне во 19 часот, во 19:10 ќе се одржи предавањето „Грижа за граѓанството“ на Карена Шлевит Бекер, додека во 19:50 ќе следува предавањето „Кураторство – грижата како задоволство и модел на работа“ на Франциска Вернер.

Фестивалот за критичка култура „Крик“ е поддржан во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од „Хартефакт Фонд“, како и од Гете Институт Скопје и Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот