Фестивалот „Ѕирни“ во „Котур“ прави спој на филм и музика

Во кафе и филм „Котур“ и „Парк Форум“ од 1 до 10 октомври ќе се одржи петтиот фестивал на филм и музика „Ѕирни“. Новото издание ја продолжува својата препознатлива концепција на „коктел“ од филмови и внимателно селектирана музичка програма.

Оваа година фестивалот ќе биде надграден со нови содржини, со амбиција да прерасне во собирно место на сите скопски (и македонски), млади (и постари) љубители на филмот.

Фестивалот добива натпреварувачки карактер. Кратките филмовите од официјалната селекција ќе се натпреваруваат за наградата за најдобар филм „Данчо Чеврески“. Наградата ќе ја додели тричленото жири составено од македонските режисери Марија Апчевска, Ивица Димитријевиќ и Саша Станишиќ.

Официјалната селекција е своевиден преглед на најновата продукција на македонските кратки филмови. Селекцијата е разновидна и има филмови кои експериментираат со формата и филмскиот медиум („Жена: Три есенцијални прашања“ на Јана Луловска и „Страст по лутањето“ на Леона Јариќ); филмови кои на еден постмодернистички манир си играат со жанровите („Сценариото“ на Александра Кардалевска и „4891“ на Ивана Мирчевска); филмови кои ја третираат нашата хаотична македонска стварност и моралните дилеми кои произлегуваат од неа („Еден тон сладолед“ на Сандра Ѓорѓиева, „Кутии“ на Ангела Димеска, „Мавера“ на Батухан Ибрахим); и филмови кои раскажуваат едноставна љубовна приказна од минатото („Так-так“ на Јане Алтипармаков).

Оваа година на фестивалот ќе има и проекциии на два документарни филмови од регионот. „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ на Мила Турајлиќ е архивски роуд-трип низ раѓањето на проектот на Неврзаните базиран на досега невидени 35 мм материјали снимени од Стеван Лабудовиќ, снимателот на југословенскиот претседател Тито.

„Авантурите на карикатурата“ на Вера Влаиќ е филм каде со толкување на историските настани од средината на 19. до почетокот на 21. век, користејќи го јазикот на анимираниот филм и неговата уметничка поврзаност со карикатурата се дава преглед на авторите кои придонеле за развојот на карикатурата како уметност во српската култура. Како паралела ќе биде прикажан и краткиот филм „Отпор“ на Боро Пејчинов, ремек-дело на македонскиот анимиран филм.

– Исто така, ќе имаме проекција на „Тетовирање“ на Столе Попов, еден од најпознатите македонски филмови. Ако за некој македонски филм можеме да кажеме дека е култен, тоа е „Тетовирање“. Филм кој, сѐ уште, ја отсликува нашата современост, со реплики кои станаа дел од скопскиот жаргон – истакнуваат од „Котур“.

Програмата на првиот ден на „Ѕирни“, на 1 октомври, опфаќа концерт во дворче со Иван Беjков на бас, Боран Петков на гамба гитара, Иво Солдатовиќ на кларинет и Славчо Коцев на тапани, што се одржа напладне. Во вечерниот сегмент се сместени документарната фотоизложба на Игор Христов со 25 дела фотографирани во Тајланд, Перу и Еквадор со наслов „Спијачите спијат, сонуваат само сонувачите“ и музичка селекција на Настасја Киш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот