Фестивалот „Акто“ со новите мурали пренесува силни пораки за заедништво и солидарност

Изработката на серијата мурали, што во рамките на 15. Фестивал за современи уметности „Акто“ се реализира во седум градови низ државата, по Битола и Скопје продолжи во Гевгелија и во Велес, а следува промоцијата и на мурали во Прилеп, Штип и во Кочани.

Со изработка на мурал на ѕидот на приватна куќа на улицата „Маршал Тито“, спроти Музејот во Гевгелија, продолжи програмата на јубилејното 15-то издание на Фестивалот за современи уметности „Акто“, во продукција на организацијата „Факултет за работи што не се учат“. Автори на муралот во Гевгелија се уметникот Миле Ничевски во соработка со М.Ц. и во партнерство со фестивалот „Бош“.

По отворањето на 15. „Акто“ со мурал во Битола, како и муралот на Домот на култура во скопската населба Ченто, фестивалот продолжи со интервенции во други градови низ државата во соработка со локалните заедници и со различни партнери. Муралите во Битола и во Ченто беа изведени на јавни институции, центри за култура, со цел да се истакне солидарноста и соработката со јавните институции од културата и да се прати порака за заедништво во секоја локална средина поединечно, додека муралот во Гевгелија е насловен симболично „Физичка дистанца, социјална блискост – комшијата е тука и во арно и во лошо“. Не случајно муралот е изведен на приватна куќа и директно реферира на солидарноста на локалната заедница за време на пандемијата со ковид-19.

Мурал во Гевгелија

Авторите Ничевски во соработка со М.Ц. во идејното решение за овој мурал реферираат на познатата модернистичка слика на Анри Матис, насловена „Танц“, но овој пат ставена во локален контекст реферирајќи на солидарноста за време на пандемијата, ограничувањето со физичка дистанца од два метра, но сепак со потенцирање на социјалната блискост и радоста да се живее животот со сите ограничувања.

– Муралот повикува на повторно обединување во социјалните релации и блискост на комшиите, но со држење физичка дистанца. Муралот повикува на солидарност на комшиите и на заедништво во борбата со пандемијата, која во изминативе неколку месеци потполно го редефинира секојдневното живеење. На муралот во еден дел стои и натписот на гевгелиски дијалект „И уф арно и уф м’ка комшијата е тука“, што во „превод“ значи „И во арно и во лошо комшијата е тука“ – објаснуваат од „Акто“.

Мурал во Велес

Муралот во Велес е изработен на бетонски ѕид на влезот во градот, на кружниот тек под Спомен-костурницата. Автор на муралот е младиот уметник Давор Кешкец, а изработен е во продукција на „Факултет за работи што не се учат“ во партнерство со Општина Велес. На површина од околу 300 м2, муралот е изработен на 86 метри должина и 2,5 метри висина. Стручно мислење за визуелниот израз на муралот даде комисија во состав на истакнати уметници од Велес, формирана од градоначалникот со одлука на Советот на Општина Велес.

Во рамките на оваа активност, потпишан е и меморандум на соработка помеѓу „Факултет за работи што не се учат“ и Општина Велес. Локацијата на влезот во градот Велес има за цел симболично да прикаже поврзување на вредностите, пораките и приказните од останатите шест градови, каде се изработуваат мурали, а тоа се заедништвото, солидарноста, антиксенофобијата, антинационализмот, антифашизмот, слободата, еднаквоста.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 40, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 18-19 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот