Фестивал на современа музика: Солистички концерти на „Модоарс 2020“
Концертите на гитаристот Тони Китановски и на пијанистката Ема Попивода, што се одржаа на 12 и 13 август во Скопје и во Охрид, беа дел од програмата на фестивалот на современа музика „Модоарс 2020“.
Препорачано
Тони Китановски е еден од нашите најпознати џез музичари со интернационална кариера, а Ема Попивода е пијанистка која бележи бројни концерти во Македонија, но и низ целиот свет. На концертот во Охрид Попивода настапи со композиции за пијано на познати теми од групата „Битлси“. Гостинка на нејзиниот концерт беше поетесата Наташа Сарџоска.
– Тимот на „Модоарс“ со голем ентузијазам и желба да ја продолжи својата успешна долгогодишна работа, интензивно работеше да ги запознае новите протоколи на работа и да создаде услови за да го реализира своето издание и оваа година. Иако досега сме навикнале на настани кои се масовно посетени, на концертни подиуми со голем број изведувачи, оваа година се одлучивме за два солистички концерти на македонски уметници.

Концертите се одржаа на отворено, бидејќи е побезбедно, а публиката беше во редуциран број. Организацијата на концерт на отворено е специфична за акустичните инструменти, бидејќи пијаното бара и дополнително озвучување, како и поставување на сцена. Сите овие нешта се нови за нас и бараат поголем ангажман, но и носат голема одговорност за организаторот. Оваа година, фестивалот „Модоарс“ ќе биде и издавач на аудио запис, ЦД кое ќе содржи 13 Вечеринки на македонски народни теми за пијано од македонскиот композитор Димитрије Бужаровски – изјави Попивода.
Фестивалот „Модоарс“ и оваа година разбуди интерес кај публиката, а со посветеноста и професионалноста во работата на организаторите придонесе за збогатување на културниот живот во нашата земја. Културата и уметноста продолжуваат да живеат прилагодени на новиот начин на живот.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 44, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 15-16 август 2020)


