Фестивал на планински филм: „Ехо“ што трае пет дена на три локации
Од понеделник до петок во МКЦ ќе се одржи 13. издание на „Ехо“ – Фестивалот на планински филм, а во петте фестивалски денови најавени се проекции на 49 филмови, 10 презентации, работилници за деца и други активности.
Препорачано
На 19 септември (понеделник), во Парк-киното на МКЦ, ќе се одржи свеченото отворање на 13. „Ехо“, на кое ќе се додели наградата за животно дело на Кочо Недков, а потоа следуваат проекциите на „Последната планина“ (2021) и „Оганот на љубовта“ (2022).
Во вторник, во киното „Фросина“, публиката ќе може да ги проследи „Демнејќи го Чернобил: истражување по апокалипса“ (2020), „Животот по несреќата“ (2021), „Лужба: создавање на нова реалност“ (2022), по што програмата продолжува во Парк-киното, каде што ќе има презентација на Глигор Митковски, „Никому не му треба метеоролог“, презентација на Дарек Залуски, „Пасија за планини и филм“, филм на Кочо Недков, потоа следува проекција на „На висина: развојот на медицината за големите висини“ (2021) и „Балкан Експрес“ (2022).
Истиот ден, во џебното кино најавени се проекциите на „Зошто“ (2021), „Лути лисици и извиени патишта“ (2022), „Полиња на гревот“ (2022), „Рапсодија за карпестото палче“ (2021), „Планините на Месечината“ (2022), „Промената – Планина на душата, дел 3“ (2022), „Патот“ (2021), „Преку празнина“ (2021), „Пред да умрам“ (2022).

Во среда, во киното „Фросина“ следат проекциите на „#TO_BE“ (2022), „Бел сон“, „Пренесување“ (2022), по што програмата продолжува во Парк-киното со презентација на Игор Петрушевски и Слободанка Јакимовска, членови на СНК „Врело“, насловена: „Подводни планински патеки“. По неа следуваат презентацијата на Александар Стојанов од Македонско еколошко друштво, насловена „Запознавање со лилјаците“, како и презентацијата на Диме Меловски од истото здружение, „Статусот на сивиот волк во Македонија“. По презентациите следи филмот „Голем Град“ (Македонско еколошко друштво), филм на Кочо Недков, „Аносмија“ (2022), „Одмор на Бафин“ (2022) и „Адам Ондра: Поместување на границите“ (2022).
Исто така во среда, во џебното кино ќе може да се гледаат филмовите „Ненаврзан“ (2022), „Јотун“ (2022), „Повеќе од насока“ (2022), „Кога дрвјата на Мил ми зборуваа“ (2021), „Арлберг ефектот“ (2022), „Лудиот Белгиец: продолжи со движењето“ (2021), „Доверба“ (2021), „Океан од Мудра“ (2021), „Малата шума“ (2020), „Во воздух“ (2022) и „Вода=Живот“ (2021).
Во четврток во кино „Фросина“ ќе се гледаат „Креваса“ (2022), „Федченко: заборавениот глечер“, „Доме слатки доме“ (2021), „20.000 метри под Земјата“ (2021), додека во џебното кино ќе се даваат: „Враќање на Алјаска“ (2022) и „Заедно за реката: Приказната за Сава“ (2022). Во парк-киното, пак, ќе има презентација на Никола Нешкоски „Со велосипед на големи височини“, потоа презентација на Антонио Додевски (Планинска спасителна служба Охрид) „Капацитети и активности на ПСС Охрид“, презентација на Лука Читарела Менарди „Искачувања во крајот на светот“, филм на Кочо Недков, како и проекции на „Даулагири е мојот Еверест“ (2021), „Местото на жената“ (2021) и „Оставштина на Мјур“ (2021).

Во петок, во „Фросина“ ќе има проекции на „Земјата: пригушена“ (2021), „Шесте северни“ (2022), „Поврзување“ (2022), „Фрирајдер“ (2022), во џебното кино ќе се даваат „Планина“ (2021), „Велосипедот и Бадиле“ (2022), додека во Парк-киното ќе има презентација на Сања Спасовска „Од детски сон, до Светски куп“, презентација на Марко Презељ „Приказни од моите авантури во изминатите 7 години“, а потоа следи прогласување на победниците од филмската програма и Конкурсите на „Ехо 2022“, филм на Кочо Недков и проекција на „Светоста на просторот“ на Ренан Озтурк / Фреди Вилкинсон (САД).
Покрај филмска програма и презентации, на овогодишното издание, најавени се и четири работилници: Ксенија Путилин Стамкоска (Македонско еколошко друштво) за „Египетски мршојадец“, Александар Стојановски (ИД Урсус Спелеос) со Работилница за заштита на пештери и лилјаци, Никола Нешкоски (Еко Логик) со работилница за деца низ игри за вело-едукација и Илија Тирицовски (ОХО Продукција) со работилница за планински филмови.
(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 16 септември 2022 во весникот „Слободен печат“)


