Фестивал на детски театри „Игор Маџиров“: „Сѐ е твое“ ако го чуваш детето во себе
Под мотото „Сѐ е твое“ од 1 до 5 октомври се одржува третото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“. Инспирацијата за слоганот е земена од безвременото писмо на Горан Стефановски до својата внука Калина, во кое вели: „Сиот свет сега ти припаѓа тебе и сè во него е твое! / Твои се земјата и луѓето / И животните и билките, / И морето и рибите / И небото и птиците / Твои се сонцето и ѕвездите / И твоја е месечината / Сѐ е твое!“
– Среќни сме што годинава сме домаќини на исклучително квалитетни претстави од регионот и Европа на третото издание на фестивалот „Игор Маџиров“. Програмата е побогата од претходните две години, а тоа го потврдува нашиот растеж што го имаме како фестивал на детски театри – истакна Катарина Илиевска-Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци – Скопје.
Селектор на фестивалот годинава е Драгана Милошевски Попова, режисер вработен во Театарот за деца и младинци, а извршен продуцент е Миодраг Костиќ.
На свеченото отворање на фестивалот на 1 октомври беше изведена претставата „Не ме чекај“ во изведба на Театарот „Снег на трепките“ од Нант, Франција, а следуваа претставите: „Тогаш кога се изгубивме“ на „Краљевачки театар“ од Краљево, Србија; „Палешка“ на куклениот театар од Љубљана, Словенија; „На гости кај Кате и Фреда“ на театар „Бабец“ од Битола; „Си беше еднаш еден лав“ во изведба на Детски театар на Република Српска, Бања Лука, БИХ; „Прадевојче“ на Национален театар „Тоша Јовановиќ“, Куклена сцена Зрењанин, Србија; „Светско шоу на ѕвездите“ на Кемал Фатих Полак, Караѓоз театар од Истанбул, Турција; „Дупка и копче“ на „Илоко театар“ од Рим, Италија; „По трагите на волкот“ на Младински театар, Нови Сад, Србија; „О, ла ла“ на Градски куклен театар, Риека, Хрватска.
Затворањето на фестивалот е на 5 октомври, кога ќе бидат доделени и наградите. Фестивалот и оваа година, покрај наградата Гран-при, доделува Награда за најдобра режија, две актерски награди, сценографија, костимографија, специјална награда.
Стручното жири е во состав: Рената Ќарола Гатика од Хрватска, Ана Левајковиќ Бошков, актерка во ТДМ, и Билјана Крајчевска, драматург при Битолскиот театар. Детско жири составено од седум членови и годинава ќе биде застапено, кое повторно ќе има задача да ја оцени и награди најдобрата претстава на фестивалот по нивен избор.
Годинава фестивалот „Игор Маџиров“ ја продолжи со соработката со Факултетот за драмски уметности, каде беше одржан мастерклас на театарскиот режисер од Чешка Република, Јакуб Максимов. Исто така, се одржа и работилница за куклен театар и креативно пишување наменета за младите таленти, а истата беше предводена од менторите Давор Драгојевиќ од Црна Гора, Драгана Лукан Николовски, драматург во ТДМ, и Хана Миленковска, режисер во ТДМ.
На фестивалот се одржа и панел-дискусија на која се разговараше за проблемите со кои се соочуваат театрите, школите и студијата за детски театар во државата, како и потребата сите да станат дел од мрежата на АСИТЕЖ.
Фестивалот се одржува под покровителство на Претседателот на државата Гордана Сиљановска Давкова, а со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.
На отворањето на фестивалот претседателката упати порака до сите деца и млади, да живеат и уживаат во театарот и уметноста, да растат и да се развиваат со убавото и благородното, како и порака до нивните родители и до возрасните, да го чуваат детето во себе, да ја негуваат неговата љубопитност, слобода и непослушност.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 250, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.10.2024)