Феноменот на сеќавањата е клуч во претставата „Нема да биде крај на светот“

Премиерата на претставата „Нема да биде крај на светот“ во режија на Нина Николиќ, копродукциски проект помеѓу „Перипетија продукција“, МНТ и САРТР од Сараево, БиХ, ќе се одржи во рамките на 46. МОТ на малата сцена во МНТ.

Премиерната изведба на претставата „Нема да биде крај на светот“ во режија на Нина Николиќ прво се одржа на 18 септември во Сараевскиот ратни театар – САРТР во Сараево. Програмата на 46. Млад отворен театар овозможи претставата да ја има и својата македонска премиера на 27 ноември (беше планирана за 24 ноември, но одложена поради тридневната жалост во државата).

Во текот на пробите за претставата во објектот на МНТ се сретнавме со целата авторска и актерска екипа на претставата. Авторот на текстот „Нема да биде крај на светот“, Аднан Лугониќ, ни објасни дека со пишувањето почнал во 2018 година, додека бил уметнички директор во Народно позориште во Мостар и дека првично текстот го подготвувал за поставување таму. Текстот добил дополнителна симболика откако почна пандемијата на коронавирусот.

Авторот Аднан Лугониќ со пишувањето на текстот почнал уште во 2018 година

– До соработката со режисерката Нина Николиќ и САРТР во Сараево дојде преку актерката Џана Џаниќ. Во театарот бараа текст што е интимен и во кој нема премногу ликови. Текстот беше замислен со три лика – татко и две ќерки уште во 2018 година и се занимава со сите ситуации со кои денес се соочуваме, како изолација, самотија, неможност за комуникација, состојбите кога сме присилени да живееме меѓу четири ѕида. Додека работев на текстот, ме интересираше феноменот на сеќавањата и сакав да откријам што значи кога еден човек ќе се разболи од некоја болест, во овој случај од Алцхајмер и деменција, и кога веќе нема да може да ги задржи сеќавањата за својот живот. Потоа почна да се составува структурата во која влегоа трите лика. Клучот во претставата е што двете ќерки имаат некаков проблем со својот татко, но со оглед на неговата здравствена состојба, тој проблем не можат да го разрешат, бидејќи тој не се сеќава на минатото – објасни Лугониќ.

Станува збор за драма што се занимава со уривањето на интимните светови. Сите три лика (Дарја Ризова како Маша, таткото – Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ во улогата на Нина) од драмата под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Ликот на ќерката Нина во претставата го игра актерката Џана Џаниќ, која и приватно се наоѓала во фаза на пресврт во личниот живот, кога требала да направи промени и да донесе некакви одлуки.

Ликот на Нина, која често во својот живот морала да почне од почеток, ѝ овозможил да направи интроспекција на својот живот, но ѝ дал и предизвик подлабоко да навлезе во улогата. „Во претставата, Нина треба да изгради подобар однос со својата сестра и да се соочи со минатото, но и со својот татко. Како карактер таа е личност која не влегува во кавги и се обидува проблемите да ги реши на дипломатски начин“, открива Џана Џаниќ, која е дел од актерскиот ансамбл на САРТР.

Актерите Џана Џаниќ и Саша Ханџиќ во претставата „Нема да биде крај на светот“

Таткото во претставата го игра актерот Саша Ханџиќ од Босанско народно позориште во Зеница. Ликот на таткото е дементен, неговата сопруга починала, живее со една од своите две ќерки, на моменти живее во стварноста, во реалниот свет, а на моменти живее во некои свои сеќавања или измислени светови.

„Во градењето на ликот влегов многу емотивно, бидејќи мојата баба беше дементна и имав можност да ја гледам како, на некој начин, преживува. Таквите личности навистина не се свесни за ситуациите во кои се наоѓаат, а тоа ми беше многу интересно да го истражам во процесот на правењето на претставата. Кај мојот лик е интересно што играм и на македонски и на босански јазик, и играм постар лик, така што ниту сум во своето тело ниту со својот јазик, а тоа е нешто сосема поинакво од она што досега сум го работел“, посочи Ханџиќ.

Актерката на МНТ, Дарја Ризова, го игра ликот на втората ќерка Маша. Со Џана и со Саша претходно работела на претставата „Отело“ и новата претстава е продолжување на нивната актерска соработка. „Претставата ја направивме со многу волја и ентузијазам во текот на ова лето, бидејќи претходната година не работевме ништо поради пандемијата. Сакам да се им заблагодарам на директорот Алеш Курт и на целата екипа на САРТР за прекрасното гостопримство што ми го приредија во Сараево додека ја подготвувавме претставата. Во целава ситуација со пандемијата, со минливоста, суровоста и грубоста на животот, кои создаваат анксиозност и страв, правењето на претставата ми создаде ретки среќни моменти, ме спои со прекрасна екипа и ми овозможи да настапувам и на нашата сцена и во странство“, раскажа Дарја Ризова.

Покрај премиерната изведба, претставата „Нема да биде крај на светот“ е ставена и на декемврискиот репертоар на МНТ и ќе може да се погледне во термините од 23 до 26 декември.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 107, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 ноември 2021)

Видео на денот