Феминистичката платформа „Медуза“ одбележува пет години од основањето

Настанот ќе се одржи во „Котур“

Јубилејот на феминистичката платформа „Медуза“ ќе биде одбележан со промоција на публикацијата „Новите добри времиња“, разговор и со поетско читање кои ќе се одржат на 14 декември, со почеток во 19.30 часот, во локалот „Котур“.

– Во моментов не ни е целосно верно, но нашата платформа, нашето феминистичко засолниште и заедница од која црпиме надеж, моќ и низ која развиваме стратегии на отпор и заедничарење, нашата „Медуза“, полни пет години!

Гледајќи назад кон изминатите пет години, горди сме на нашата упорна, издржлива и креативна заедница, но и разочарани и уморни од локалните и глобалните околности кои нè притискаат и чекаат да попуштиме. Сепак, свесни сме колку е потребно да продолжиме да се здружуваме и оснажнуваме едни со други и токму од тоа место на тврдоглава и упорна феминистичка верба и борба организираме колективно одбележување на роденденот на „Медуза“.

Наспроти дефетистичкото мечтаење по „старите добри времиња“, кое оваа година ни се чинеше сеприсутно, ние се одваживме да размислуваме, разговараме и пишуваме за можни – нови – добри времиња.

Нашата овогодинешна публикација го носи токму тој „опасен“ слоган, кој на едно место собра бројни соработнички на „Медуза“, пријател(к)и, со-сонувач(к)и и личности од кои сме учеле и кои учеле од нас, кои ги споделија своите мисли, визии, стравови, теории, мечти, копнежи и сомнежи поврзани со иднината.

Неизмерно им благодариме на Адриана Захариевиќ, Елена Кузмановска, Ивана Хаџиевска, Ана Аврамовска, Клелија Живковиќ, Маја Петревска, Елизабета Шелева, Ана Јакимска, Ивана Смилевска, Калина Малеска, Мања Величковска, Вики Младенова, Џемилиана Абдулова, Елена Гаговска, Ангел Димитриевски, Кристина Атанасова, Ана Блажева, Сара Миленковска и Лени Фрчкоска, што ја прифатија нашата покана.

Како и секоја година, нашата визуелна визионерка е Кристина Атанасова, која стои зад дизајнот на „Новите добри времиња“ – истакнува Калиа Димитрова, главна и одговорна уредничка на „Медуза“.

На роденденскиот настан ќе има и топол и искрен разговор за можната феминистичка иднина на кој уредничките на „Медуза“, Калиа Димитрова и Душица Лазова, ќе разговараат со Клелија Живковиќ, Ангел Димитриевски и Адора Лимани, по што ќе следи поетско читање со поетесите чии песни се објавени во публикацијата – Марија Велинова, Калиа Димитрова, Филипа Попова, Ива Дамјановски, Марија Шаклева, Моника Стојановска и Ивана Јовановска, а ќе има и покана за танц.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот