Фекалиите и водата од фабриките завршуваат во тетовските реки, филтер-станицата никако да почне да се гради

Фото: Слободен печат

Изградбата на пречистителната станица за отпадни води за Тетово никако да започне. Проектот беше најавен во 2019 година, кога тогашната локална самоуправа и централна власт тврдеа дека системот ќе биде готов до 2022 година.

На денешната дебата насловена: „Изградба и реконструкција на колекторски и канализациони системи и изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Тетово“, властите пак ветија дека станицата ќе почне да се гради оваа година.

Фото: Слободен печат

Хисен Џемаили, директор на Управата за животна средина при Министерството за животна средина, вели дека се доцни со изградбата поради процесот на експропријација на земјиште. Допрвин треба да се доградуваат и канализациски мрежи во делови од Тетово и неколкуте села затоа што имаат септички јами.

„Ние се надеваме дека до крај на април или почеток на јуни ќе почне овој процес и планираме да трае три години затоа што е голем проект. Оваа станица е планирана да ги опфати населените места во полошкиот дел, урбаното место на Тетово, селата Порој, Џепчиште, Мала Речица, Голема Речица, Фалише со станица во близина на Фалише и со тоа ќе се заокружи целиот овој дел. Во иднината Министерството за животна средина и просторно планирање изготвува проекти за филтер станици и во населените места во планинскиот дел и со тоа ќе се заокружи целиот концепт на пречистителни станици во Општина Тетово“, рече Хисен Џемаили.

И додека се чека изградбата на пречистителната станица за отпадни води, фекалиите се уште завршуваат во реките.

„За жал можеме да констатираме дека во Тетово и Тетовско и во целиот Полог немаме станици за пречистување на отпадни води.Сите овие води што се создаваат овде во урбаните места и во населените места завршуваат во површински води но и во течните води во реките во Полог, во нашата земја па и понатаму кои завршуваат во Вардар и во Егејско море“, вели Џемаили.

Марјан Михајлов кој е консултант за животна средина рече дека станицата е проектирана за 95 илјади жители, но истата нуди можност за нејзино проширување и зголемување.

„Студијата врши оценка на она што е предвидено како проект врз основа на воспоставување на основната состојба за животна средина. Ќе се земаат во предвид аспектите на воздух, миризба, што е еден од карактеристичните аспекти на овој тип на проект, бучава, отпад, биодиверзитет, карактеристични аспекти кои се анализираат и како генерален заклучок е, онака што е предвидено, самиот проект за собирање и третман на отпадни води нема значително влијание врз животната средина, секако доколку се изведе онака како што е предвидено. Во рамките на оценката земено е во предвид и направени се моделирања на миризба со оглед на локацијата и во однос на другите аспекти, предвидена е програма која вклучува низа на мерки заштита кои се инженерски и кои се предвидени во самиот проект“, вели Михајлов.

Локацијата каде треба да се гради пречистителната станица за отпадни води е во близина на тетовско Фалише, каде пред неколку години имаше илјадници тони отпад кој беше остранет со финансирање од Владата на Кралството Норвешка. Инаку пречистителната станица со два колектори и нови канализациони мрежи ќе се гради со пари од ИПА фондовите во висина од 30 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот