Кахил Ел Забар со неговиот ансамбл / Фотографија: СЏФ / Татјана Ранташа

Фасцинантни изведувачки перформанси се случија на 44. Скопје џез-фестивал

Секој концерт на 44. Скопски џез-фестивал, што се одржа од 16 до 19 октомври во Националната опера и балет, носеше сопствена и уникатна приказна, а изведбите на музичарите ги одликуваше врвна уметничка зрелост.

Неверојатно тешко е да се избере еден концерт, а речиси невозможно е да се избере само еден музичар што оставил најсилен впечаток од програмата на Скопскиот џез-фестивал. И во своето 44-то издание фестивалот понуди разнолика, квалитетна и ексклузивна програма. Секој концерт носеше сопствена и уникатна приказна, а изведбите на музичарите ги одликуваше врвна уметничка зрелост, целосна посветеност на музиката и фасцинантни изведувачки перформанси.

На 16 октомври фестивалот го отвори полскиот пијанист, композитор и аранжер, Анджеј Јагоѓински со неговото трио. Заедно настапуваат повеќе од 30 години. Тие не свират, туку заедно дишат преку своите инструменти. Почнаа со Бах, а завршија со Шопен, веројатно најзначајниот полски композитор на сите времиња. Со композициите што ги изведоа во најубаво светло го претставија полското музичко наследство, а дополнителен квалитет е современиот џез-аранжман што делува како магнет за нова и различна публика.

Анджеј Јагоѓински со неговото трио / Фотографија: СЏФ / Татјана Ранташа

Истата вечер во блескаво светло се претстави и македонскиот Национален џез-оркестар. Со двајцата исклучителни гости, диригентот Зиги Фајгл и тромбонистот Луис Бониља, оркестарот сериозно се замеша во врвот на светските ансамбли од овој тип. Диригентот Фајгл најискрено кон публиката се обрати со зборовите дека е среќен и горд што е дел од легендарен џез-фестивал во Европа и што има можност да работи со фантастични музичари.

Национален џез-оркестар со Зиги Фајгл и Луис Бониља / Фотографија: СЏФ / Татјана Ранташа

Втората фестивалска вечер ја отвори легендарниот гитарист Марк Рибо, кој претходно во Скопје доаѓал во други формации, а овојпат со соло настап од тука ја почна својата европска турнеја на која ја раскажува својата лична музичка приказна.

Истата вечер се одржа и концертот на Кахил Ел Забар со неговиот „Етник херитаж ансамбл“. Изведувајќи музика со најчиста и најелементарна форма, ансамблот создаде магичен спиритуален амбиент што ја поведе публиката во длабоко духовно патување.

Квартетот на Јан Банг и Арве Хенриксен / Фотографија: СЏФ / Татјана Ранташа

Третата вечер го донесе современиот звук на скандинавскиот џез. Добрите пријатели на скопската публика Јан Банг и Арве Хенриксен во квартет-формација го изведоа специјалниот проект што пред две години со голем оркестар за првпат беше создаден токму во Скопје. Неколку денови пред фестивалот се случи и промоција на винил-плочата со проектот „After the Wildfire“, додека неговата изведба во живо на сцената на Националната опера и балет беше можност за вистинско искусување на длабочината на емоциите што ги побудува нивната музика.

Горан Кајфеш Тропик / Фотографија: СЏФ / Татјана Ранташа

Истата вечер сериозна конкуренција добија со настапот на Горан Кајфеш Тропик. Изведен во еден здив, концертот на Горан Кајфеш донесе минималистички звук базиран на трпеливо и бавно развивање на формите, мелодиска импровизација и мантрични мотиви кои се протегаат низ електро-акустични текстури, кој музичката критика го нарекува „хипно-џез“.

Вадада Лио Смит и Силви Курвоазје / Фотографија: СЏФ / Татјана Ранташа

Последната вечер на џез-фестивалот, на 19 октомври, донесе две легенди на американската музичка сцена. Историски чин за скопската публика беше настапот на трубачот и композитор Вадада Лио Смит, кој тешко се движеше до сцената, но со фантастичен поетски звук го исполни просторот. Во дует со пијанистката Силви Курвоазје го претставија албумот „Ангел фолс“ (Angel falls). Тоа беше концерт на две доминанти споени во звучна хемија – Вадада дуваше со полнокрвна импровизирачка креација, додека Силви речиси играше врз пијаното со својот современ експериментален стил на изведба.

Фестивалот својот максимум го постигна со последниот концерт, на кој врвниот тенор саксофонист Џејмс Брендон Луис со својот квартет ги изрази својата благодарност и почит кон великаните на инструментот тенор саксофон, како Џон Колтрејн и Сони Ролинс.

Џејмс Брендон Луис квартет / Фотографија: СЏФ / Татјана Ранташа

На годинашниот Скопски џез-фестивал не останаа незабележани и дополнителните активности, веќе традиционалната форма на џез за деца, како и европските премиери на документарните филмови за историјата на фанк-музиката и неконвенционалната приказна на Сан Ра, човекот што го предизвикуваше невозможното и му даде сосема нов звук на џезот. Годинава наградата за најдобар македонски џез-музичар ја доби пијанистот Гордан Спасовски од Националниот џез-оркестар.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 304, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.10.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот