Фарма на смртта во источна Либија – откриена масовна гробница со мигранти
Телата на најмалку 21 мигрант се пронајдени во масовна гробница во источна Либија, додека на 10 преживеани мигранти, кои биле ослободени од заробеништво на една фарма, се забележливи траги од мачење, изјавија денеска два неименувани извори од безбедносните служби, пренесе Ројтерс.
Препорачано
Тие додадоа дека безбедносните сили извршиле упад на фарма во близина на градот Аџдабија, откако добиле пријава дека таму се држеле мигранти од потсахарска Африка.
„Ги пронајдовме мигрантите, мажи, жени и деца, кај кои беа видливи знаци на мачење. Тие беа однесени во болница, каде што изјавија дека со нив имало и други мигранти, кои потоа исчезнале“, рече еден од изворите.
Масовната гробница е откриена околу 10 километри југоисточно од Аџдабија, на 160 километри од Бенгази, вториот по големина град во Либија.
Сопственикот на фармата е уапсен и го признал постоењето на масовната гробница на својот имот, рекоа изворите.
Како починале мигрантите засега не е јасно, а истрагата е во тек, додаде еден од изворите, наведува агенцијата.
Либија, по соборувањето од власт на Моамер Гадафи во 2011 година, стана транзитна рута за мигранти кои бегаат од конфликти и сиромаштија кон Европа, по опасни патишта преку пустината и Медитеранот.
Либиската економија, заснована на нафта, исто така привлекува осиромашени мигранти кои бараат работа, но безбедносната состојба низ целата земја е лоша, поради што мигрантите се изложени на бројни ризици, наведува агенцијата.
Во јули минатата година повеќе од 100 мигранти, меѓу кои и пет жени, беа ослободени од заробеништво во Аџдабија, откако една банда ги држела за откуп, соопшти претходно либискиот државен обвинител.
Во септември, Меѓународната организација на ОН за миграции соопшти дека најмалку 50 луѓе загинале откако брод со 75 судански бегалци се запалил во близина на либискиот брег.
Во средината на октомври беше пронајдено телото на 61 мигрант на медитеранскиот брег западно од главниот град Триполи.
Податоците на ОН, собрани во 100 либиски окрузи меѓу август и октомври 2025 година, покажаа дека во нив престојувале вкупно 928.839 мигранти од 44 земји.
Неколку држави, меѓу кои Велика Британија, Шпанија, Норвешка и Сиера Леоне, меѓутоа, ја повикаа Либија на состанок на ОН во Женева во ноември минатата година да ги затвори притворските центри во кои, според наводите на организациите за човекови права, мигрантите и бегалците биле мачени, злоставувани, а понекогаш и убивани, пренесе Ројтерс.


