Фала за букетот, не мора: Револуцијата која го создаде 8-ми март

8 март
Суфражета, Фото: Profimedia

Секоја година низ целиот свет на 8-ми март се слави Меѓународниот ден на жената. Ова е ден, „резервиран“ за препознавање на женски достигнувања и повик за акција кој ги охрабрува сите да се залагаат за правата на жените, односно економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Низ историјата (се разбира и денес!) жените морале да се борат за слобода и права во светот на мажите.

Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 година под закрила на Втората интернационала во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911 година, овој празник по првпат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија. На 8-ми март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири.

8 март
Суфражета / Фото: Profimedia

Пред 150 години жените не можеле да гласаат, да бидат дел од политичкото тело, да добиваат соодветна медицинска нега, сопствен имот, соодветно образование итн… Списокот на неправди е од подолг од кинескиот ѕид.

De facto луѓето живееле во многу поинаков свет од овој сега, de jure, дали навистина?

Промените кои се случиле не се случиле преку ноќ, туку постепено низ неуморните напорите на храбрите жени (и мажи) борејќи се заедно за она што е правилно.

Kон крајот на 19 век започнува борбата! Првата битка е за правото на глас на жените, кое во ова време било уживано само од мажите. Значи сите политички одлуки, вклучувајќи ги и оние кои ги засегале само жените биле во рацете на мажите.

На 11 август, 1945 година жените во Југославија добиле право на глас.

8 ми март
Партизанка / Фото: Фејсбук, Сојуз на борци

Историски контекст

 

Обединетото кралство – суфражети

Како што минувало времето, некои жени сè повеќе фрустрирани од недостатокот на напредок и неуспешни обиди да се постигне избирачко право, решиле да дејствуваат. Една од овие жени е Емелин Панкхрст која ја формирала Социјално-политичката унија на жените (Women’s Social and Political Union) во 1903 година што довело до посилен вид на активизам. Години протести, митинзи и штрајкови, апсења, повреди и изгубени животи во борбата за право на глас.

8 март
Суфражети / Фото: Profimedia

„Ќе им дозволи ли либералната влада на жените да гласаат?“

Со почетокот на Првата светска војна во 1914 година суфражетите ја пренасочиле својата кампања кон поттикнување на вклученост на жените во воените напори. Разорната сила на војната ја сплотила нацијата и ставовите почнале да се менуваат. Жените преземале обврски и работни места од кои претходно биле исклучени,  пример механичари и возачи.

Германија – Клара Цеткин, Роза Луксембург

Клара Цеткин заедно со Роза Луксембург, нејзина блиска пријателка биле едни од главните фигури на крајнолевото револуционерно крило на Социјалдемократската партија на Германија. Во дебатата за ревизионизмот на почетокот на 20-от век, таа заедно со Луксембург, ги нападнале реформистичките тези на Едвард Бернштајн.

facebook
Клара Цеткин и Роза Луксембург, 1910 година / Фото: Фејсбук

Цеткин била многу заинтересирана во политиката кон жените, вклучувајќи ја борбата за еднакви можности и правото на глас за жената. Таа го развила социјалдемократското движење за жените во Германија. Од 1891 до 1917 го уредувале женскиот весник на СПД „Die Gleichheit“ (Еднаквост). Во 1907 станала водач на новосоздаденото „женско биро“ на партијата. Таа го започнала првиот „Меѓународен ден на жената“ на 8-ми март 1910, отпочнувајќи ја идејата во Копенхаген.

8 март
Die Gleichheit / Фото: snl.no

Русија – Александра Колонтај

По победата на Болшевиците во Русија, а по иницијатива на Александра Колонтај, 8-ми март е прогласен за државен празник. Овој датум е историски и незаборавен ден за работниците и селаните, за сите руски работници и за работниците од целиот свет. Во 1917 година на денешен ден избувнала големата Февруарска револуција. Токму работничките жени од Петербург ја започнаа оваа револуција. Тие први решиле да го подигнат знамето на бунт против царот.

8 март
Александра Колонтај, Фото: Picryl

Македонија – Фала за букетот, не мора

На 11 август, 1945 година жените во Југославија добиле право на глас. Денес, во нашата држава 8-ми март го обележуваме со протестен марш со цел да се упати некаква тематска порака за слобода и рамноправност.

8 март / Фото: МИА

Во суштина, го поминав детството верувајќи дека 8-ми март е денот на мајките, а не на жените, бидејќи ги дарувавме постарите жени, учителките, односно тие кои работеа или се размножиле. Им дававме цвеќиња или подароци, да ги уважиме за сè што прават за нас, да им честитаме на родовите улоги, да учествуваме во пазарот. Испаѓа дека 8-ми март за нас е само дестилирана сенка на револуционерките, ама надежно, низ годините, низ вековите, ќе изградиме егалитарно општество со, или без помош на мажите.

Суфражета / Фото: Profimedia

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот