Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

„Фајненс тинк“: Тешко дека ќе се остварат планираните приходи во буџетот за наредната година

Генерално гледано, овој Предлог-буџет прави благо, но значајно структурно поместување, во позитивна насока, во однос на сите буџети од претходната деценија и повеќе, оценува Институтот

Предлог-буџетот за 2026 година проектира раст на БДП за 2026 година од 3,8 проценти и раст на трошоците за живот од 2,5 проценти и овие стапки, според Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“, се разумен одраз на моменталните економски движења и претставуваат солидна основа за проектирање на Буџетот.

– Проекцијата за инфлацијата е во линија со рестриктивната монетарна политика и искажаните заложби и намери за поддршка од фискалната страна. Сепак, „лепливоста“ на инфлацијата може да го загрози остварувањето на оваа цел, а таа главно произлегува од проинфлаторното дејство на фискалната политика преку политиките на плати и пензии, кои го зголемуваат номиналниот доход на населението. Раст на платите и пензиите кој не е сообразен со растот на додадената вредност во економијата ќе ја остави стапката на инфлација на повисоко и упорно ниво во однос на посакуваното – велат од Институтот.

Во однос на зголемување на приходната страна од 3,5 проценти во предлогот за 2026 година, „Фајненс тинк“ изразува сомнеж.

– Проекцијата за раст на вкупните приходи се заснова на проектираните приходи за 2025 година со Ребалансот на Буџетот, за кои е малку веројатно дека ќе се остварат – забележува „Фајненс тинк“.

Оттаму потенцираат дека за првпат Предлог-буџетот за 2026 прави намалување на годишната проекција за капиталните расходи за 15,1% во однос на проекцијата од минатата година, со што се напушта флоскулата „рекордни капитални расходи“, а кои никогаш не се реализираат во тој предвиден обем.

– Нема никаква општествена корист јавниот дискурс да се интоксинира со наводно рекорден износ на капитални расходи, кои потоа се кратат и не се реализираат во целост ниту сметано според скратениот износ – велат оттаму.

Со овие проекции, буџетскиот дефицит е проектиран на ниво од 3,5 проценти од проектираниот бруто-домашен производ, што е оценето од „Фајненс тинк“ како добар знак за фискална консолидација, иако останува над фискалното правило од 3 проценти предвидено во Законот за буџети.

Предлог-буџетот за 2026 година само делумно и декларативно го адресира прашањето на сивата економија, без системска стратегија за нејзино намалување, или без јасно поврзување со Стратегијата за формализација на сивата економија што е на сила, оценува „Фајненс тинк“.

– Генерално гледано, овој Предлог-буџет прави благо, но значајно структурно поместување, во позитивна насока, во однос на сите буџети од претходната деценија и повеќе. Релативно пореалното проектирање на буџетските приходи, дефицитот и капиталните расходи му даваат на Предлог-буџетот 2026 робусна и рационална компонента – заклучува „Фајненс тинк“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот