Фабрика за препишувачи во Агенцијата за администрација
Секоја година кога средношколците полагаат државна матура, медиумите ги објавуваат изјавите на министрите кои предупредуваат дека ученикот препишувач може да ја загуби годината. Но, кога ученикот ќе го заврши образованието и ќе му дојде време да влезе на пазарот на трудот и да се вработи во македонската државна администрација на јавен оглас, тогаш никаде во медиумите не се зборува за тоа дека внатре во Агенцијата за администрација кандидатот го чека цела фабрика за техничка поддршка која ќе му помогне да се вработи и – ќе препишува за него на испитот за административен службеник! Таквата пракса на незборување завршува денес.
Препорачано
„Слободен печат“ ве носи внатре во фабриката за измами и препишување во Агенцијата за администрација, благодарение на која без мерит се вработувале луѓе на стратешки работни места задолжени да ја штитат Македонија од шверц и корупција.
За мито, вработени во Агенцијата за администрација го правеле и невозможното возможно, исто како на филм. Во Агенцијата за администрација, каде кандидатите полагале испит за административен службеник и административно управување, заедно со нив во салата и зад мониторите оперирала цела група овозможувачи меѓу кои и информатичари. Таа група работела на тоа највисокиот број поени од кои ќе зависи рангирањето и вработувањето – да го добие кандидатот кој ќе им плати.
Вработувањата за кои „Слободен печат“ поседува непобитна документација, биле во Царинската управа, но документите се однесуваат само на случај во кој местачите биле фатени на дело. Подолго време биле следени со посебни истражни мерки.
Начинот на кој фабриката за препишувачи функционирала во конкретните случаи, укажува на разработеност и потенцијално функционирање на ваков начин со години, за неодреден број наместени вработувања. За таа цел била потребна логистика во Агенцијата за администрација – преку вработени што се разбираат во компјутери, ги знаат точните одговори на испитот за државен службеник и на кои „им лепи рачето“.
Вклучени биле најмалку 3 лица вработени во Агенцијата за администрација.
Првиот е В.Н. кој бил раководител за информатичка технологија во Агенцијата за администрација.
Вториот е Б.Л. соработник во одделението за спроведување на испити, интервјуа и тест на личност во Агенцијата за администрација.
Третиот човек е А.А. генерален секретар во Агенцијата за администрација.
Сите тројца имаат потпишано спогодба со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со која признаваат дека местеле испити за некадарни луѓе да станат вработени во државната администрација, а за тоа примиле мито. Добиле условна осуда. На В.Н. му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од 5 години.
За сите три лица се склучени спогодби, утврдена е кривична одговорност и работниот однос им престанал во Агенцијата во август 2024 година. Претходно работеле во периоди на различни влади – и таа на ВМРО-ДПМНЕ и таа на СДСМ.
Испит како на филм – една голема фарса
Од спогодбите кои групата ги склучила во јули 2024 година со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, се гледа како се „работело“ за да се овозможи кандидат што не го бива, да процвета како прв на ранг-листата и да биде вработен или унапреден.
Тројцата вработени во Агенцијата за администрација барем на 13 испити во 2022 и во 2023 година не ја извршиле службената положба и овластување.
За време на полагањето на испитот за административен службеник и за време на полагањето на испитот за административно управување, В.Н. според спогодбата што ја склучил со ОЈО ГОКК, неовластено преку мрежен пристап навлегувал во компјутерите на кандидатите, вршел увид во прашањата што системот им ги определил, а точните одговори ги запишувал и им ги предавал на Б.Л. и А.А. – исто така вработени во Агенцијата за администрација, а кои биле присутни во просторијата каде се спроведувало полагањето.
Потоа, според признанието и спогодбата со ОЈО ГОКК, Б.Л. и А.А. запишаните точни одговори ги предавале на одредени кандидати, за кои претходно било договорено дека треба да остварат потребен број на бодови. Во одредени ситуации Б.Л. и А.А. дозволувале користење на литература, закони, мобилни апарати на кои им биле праќани точните одговори преку апликацијата Вибер. Потоа директно контактирале со кандидатите посочувајќи им ги точните одговори.
Вториот начин преку кој некадарен кандидат се престорувал во „прворангиран успешен вработен или унапреден административец“, бил тоа што раководителот за информатичка технологија во Агенцијата за администрација В.Н. неовластено преку мрежен пристап ќе навлезел во компјутерите на кандидатите, после што Б.Л. кој бил присутен во салата за полагање вршел проверка и промена на неточните одговори со точни, а групата во други ситуации точните одговори им ги праќала на други кандидати по Вибер.
Таткото ѝ плаќал на фабриката за препишувачи и митаџии, за син му да стане цариник
Работеле како раководител за информатичка технологија, соработник за спроведување државни испити и генерален секретар во Агенцијата за администрација. Тоа било на хартија. А на работа си имале и „тезга“ – да им ги положуваат испитите за административен службеник на некадарни кандидати и за мито да ги направат кадарни, прворангирани и цариници.
„Во ноември 2022 година, раководителот на одделението за информатичка технологија и поддршка В.Н. и соработникот во одделението за спроведување испити Б.Л. дејствувајќи заеднички и по претходен договор се согласиле да примат подарок од осудениот А.К. откако му овозможуле на син му, успешно да го положи испитот кој се полага во Агенцијата за администрација извршувајќи службено дејствие што не би смееле да го извршат.
В.Н. за време на полагањето, неовластено преку мрежен пристап навлегол во компјутерот на кандидатот пријавен со шифра, со што му било овозможено на Б.Л. да врши проверка и промена на внесените одговори, менувајќи ги неточните одговори во точни, што резултирало со успешно положување на испитите во Агенцијата за администрација, па по завршувањето на целата постапка се вработил во Царина“, пишува во спогодбата со која сите признаваат вина и добиваат условна казна.
Условно е осуден и таткото што им платил мито на вработените во Агенцијата за администрација, за син му да се вработи во Царина.
Информатичарот од Агенција за администрација е вмешан и во скандалот со лажни ТОЕФЛ сертификати од „Јулија Цо. ЛТД“
Еден од осудените, што учествувал во шемата за местење испити за административен службеник, фигурира и во предметот на двете осудени директорки со лажни ТОЕФЛ сертификати за познавање англиски јазик добиени од јазичното студио „Јулија Цо.ЛТД“ од Пловдив Бугарија.
Во тој случај две директорки беа осудени со признание на вина дека набавиле лажен сертификат по англиски, за да го исполнат законскиот услов да станат директорки.
Шефот на местењето испити во Агенцијата за администрација, се чини бил вмешан и во набавката на вакви лажни сертификати по англиски. „Слободен печат“ изврши увид и препис на списите во тој предмет со директорките и англиските сертификати.
Во материјалите од судските списи го најдовме името и презимето на раководителот по информатика од Агенцијата за администрација, истиот што местел испити. Во една полициска белешка за предметот со јазичните сертификати и директорките, токму В.Н. е посочен како посредник за стекнување на вакви лажни сертификати за познавање англиски јазик, конкретно за директорката на болницата во Дебар Севдије Коџа, која беше осудена бидејќи сертификатот ѝ бил фејк. Сертификатот по англиски јазик на Севдије Коџа, според полициската белешка на инспекторите која ја видовме, е добиен откако нејзиниот сопруг му се јавил на човекот главен и за местење испити во Агенцијата за администрација В.Н.
Прашањата кои апликантите не можеле да ги одговорат точно без да платат мито, се објавени на сајтот на Агенција за администрација
Најтрагичното во целата ситуација е што кандидатите биле спремни да плаќаат за прашања за испитот за административен службеник кои се јавно објавени на страницата на Агенцијата за администрација, заедно со изворот (законот) каде е содржан точниот одговор. Тие се однесуваат на системот на локалната самоуправа на Македонија, управното право, управната постапка и управните спорови, положбата и општите прашања за вработените во јавниот сектор, правата од работен однос на административните службеници и кодексот за административните службеници. Агенцијата за администрација има законска обврска да ја објавува базата на прашањата и прописите во кои се наоѓа одговорот.
*Во текстот по реакција на Агенцијата за администрација е додадена исправка на првичната верзија во делот „таквата пракса завршува денес“ и појаснето е дека се работи за пракса за незборување на конкретната тема. Дополнително, појаснето од првичната верзија е, дека Агенцијата за администрација законски ги објавува прашањата од тестовите за административен испит на својата веб-страница и појаснето е дека трагичноста не се состои во таквото објавување, туку во спремноста на некој да плати мито за јавно-достапни прашања.


