Украина мапа - Извор Х

Украинските и европските претставници разговараа во Женева – Америка е на ред

Шефот на украинската делегација, Андриј Јермак, објави на социјалните мрежи дека неговиот тим имал прва средба со советниците за национална безбедност од Велика Британија, Франција и Германија, а и дека владее конструктивно расположение.

Високи европски и украински претставници разговараа во Женева во неделата во пресрет на средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио за предлог-планот на претседателот Доналд Трамп за завршување на руската војна против Украина, објави „Асошиејтед прес“.

Шефот на украинската делегација, Андриј Јермак, објави на социјалните мрежи дека неговиот тим имал прва средба со советниците за национална безбедност од Велика Британија, Франција и Германија. Овие сојузници го поддржуваат Киев во настојувањата да се ревидира планот, кој се смета дека премногу ѝ оди во прилог на Москва.

Се огласи Путин: Мировниот план на Трамп има потенцијал да стане основа за договор

Очекувано, Рубио требаше да им се приклучи на разговорите заедно со секретарот на Армијата, Даниел Дрискол, и со специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф.

– Следната средба е со американската делегација. Во многу конструктивно расположение сме. Продолжуваме да работиме заедно за да постигнеме траен и правичен мир за Украина – рече Јермак.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека го очекува исходот од разговорите.

– Позитивен резултат ни е потребен на сите. Украинските и американските тимови, како и тимовите на нашите европски партнери, се во тесна координација и многу се надевам дека ќе има резултат. Крвопролевањето мора да престане и мора да се гарантира дека војната нема повторно да избувне – истакна тој.

Украина и сојузниците одбиваат територијални отстапки

Американскиот предлог во 28-точки за ставање крај на речиси четиригодишната војна предизвика загриженост во Киев и во европските престолнини. Зеленски предупреди дека Украина се соочува со „жесток избор“ меѓу одбрана на својот суверенитет и зачувување на поддршката од САД.

Планот ги прифаќа голем дел од руските барања што Зеленски многупати ги отфрли, вклучително и откажување од големи делови украинска територија. Украинскиот претседател повтори дека народот „секогаш ќе ја брани својата земја“.

Пред разговорите, Алиса Руфо, заменик-министерка во француското Министерство за одбрана, изјави дека клучни прашања се ограничувањата што планот би ги наметнал врз украинската армија, што таа го опиша како „ограничување на суверенитетот“.

– Украина мора да биде способна да се брани. Русија сака војна, и повеќепати ја започнала во изминатите години – рече Руфо.

Западните челници сметаат дека американскиот план за Украина треба да се разработи

Американскиот претседател Трамп во саботата рече дека предложениот план не е неговата „конечна понуда“.

– Сакам да дојдеме до мир. Тоа требаше одамна да се случи. Војната меѓу Украина и Русија никогаш не требаше да се случи. Вака или онака мора да ја завршиме – изјави тој.

Трамп не објасни што значи тоа дека планот не е конечен, а Белата куќа не даде дополнителни појаснувања.

ВИДЕО | Трамп: Мировниот план за Украина не е конечен

Коментарите на Рубио предизвикаа забуна

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Варшава е подготвена да работи на планот со лидерите на Европа, Канада и Јапонија, но додаде дека „би било добро да се знае со сигурност кој е авторот на планот и каде е создаден“.

Некои американски сенатори во саботата рекоа дека Рубио го опишал планот како руски „список на желби“ наместо како американски предлог.

Група пратеници од двeте партии изјавија дека разговарале со Рубио за мировниот план додека тој патувал за Женева. Сенаторот Ангус Кинг изјави дека Рубио им рекол дека тоа „не е план на администрацијата“, туку „листата на желби на Русија“.

Портпарол на Стејт департментот ги негираше овие тврдења, велејќи дека се „целосно лажни“.

Потоа самиот Рубио објави онлајн дека сенаторите погрешно го разбрале, инсистирајќи дека Вашингтон стои зад предлогот — кој уште од почетокот предизвика шок поради неговата наклонетост кон Москва.

Рубио: Завршувањето на војната бара тешки отстапки и од Русија и од Украина

Ердоган доаѓа напомош, ќе разговара со Путин

Во меѓувреме, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека во понеделник ќе разговара телефонски со рускиот претседател Владимир Путин. Тој ќе го поттикне Путин да го оживее договорот од 2022 година што овозможуваше Украина безбедно да извезува жито преку Црното Море.

Договорот важеше до следната година, кога Путин одби да го продолжи, тврдејќи дека паралелниот договор за олеснување на извозот на руска храна и ѓубрива не бил исполнет.

– Имавме иницијатива за коридор за жито како пат кон мир. За жал, успеавме само делумно. Утре ќе го замолам Путин повторно да ја разгледа иницијативата – рече Ердоган.

Новата дипломатска офанзива на Ердоган доаѓа само неколку дена откако се сретна со Зеленски во Анкара.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот