Се огласи Путин: Мировниот план на Трамп има потенцијал да стане основа за договор
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека новиот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина може да послужи како основа за конечно решавање на конфликтот. Тој потврди дека Москва го добила текстот на предлогот од 28 точки.
Препорачано
Путин рече дека иницијативата има потенцијал да стане рамка за мир, но дека Вашингтон сè уште не успеал да обезбеди согласност од Киев, пренесуваат руските медиуми.
Според него, на последниот состанок во Анкориџ, Русија изразила подготвеност да ги разгледа американските предлози, а новата верзија на планот се појавила поради застојот во преговорите.
Според американските медиуми, планот предвидува признавање на Крим и Донбас како руска територија, замрзнување на линиите на контакт во Запорожје и Херсон, укинување на дел од санкциите кон Москва и ограничување на украинските вооружени сили. Украинскиот јазик и црковни прашања, исто така, би биле дел од договорот, заедно со забрана за распоредување странски трупи во Украина.
Во обраќање до нацијата, украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека земјата влегува во еден од најтешките моменти од почетокот на руската инвазија. Тој рече дека Киев е под силен политички и дипломатски притисок од САД и дека Украина се соочува со „исклучително тежок избор“ кој ќе ја одреди нејзината иднина. Зеленски додаде дека ќе продолжат разговорите со Вашингтон, но дека Украина нема да прифати решенија кои го нарушуваат нејзиниот суверенитет или достоинство.
Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека неговата администрација поставила рок до четврток за Украина да се согласи со планот.


