Објавен мировниот план на Трамп од 28 точки за окончување на војната во Украина

Украинскиот пратеник Алексеј Гончаренко вчера го објави мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, кој денес му беше презентиран на украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, а во него се наведува дека ќе биде потврден суверенитетот на Украина, која мора да се откаже од дел од своите територии.

Планот, кој го објави руската приватна медиумска група РЦБ (RosBiznesConsulting), предвидува дека Украина ќе вклучи одредба во својот Устав дека нема да биде членка на НАТО и дека ќе го задржи својот ненуклеарен статус, пренесува Ал Џезира.

Во него се наведува дека Крим, Донецк и Луганск де факто ќе бидат признати како руски територии, додека во Херсон и Запорожје сегашната линија на фронтот ќе биде „замрзната“, а распоредувањето на трупи на НАТО во Украина ќе биде забрането.

НАТО, Украина Русија, графички приказ – Извор Х

Откако ќе биде потпишан мировниот план, во Украина мора да се одржат избори во рок од 100 дена, а предвидена е и амнестија за сите учесници во војната.

Планот од 28 точки што го објави Гончаренко наведува:

1. Ќе биде потврден суверенитетот на Украина.

2. Русија, Украина и Европа ќе склучат сеопфатен пакт за ненапаѓање, а сите спорови од изминатите 30 години ќе се сметаат за решени.

3. Русија се обврзува да не ги напаѓа соседните земји, а НАТО се обврзува да не се шири понатаму.

4. Соединетите Американски Држави ќе дејствуваат како посредник во дијалогот меѓу Русија и НАТО за прашања поврзани со безбедноста и деескалацијата.

5. Украина ќе добие безбедносни гаранции.

6. Големината на украинските вооружени сили ќе биде ограничена на 600.000.

7. Украина ќе го вметне во својот Устав одбивањето да се приклучи на НАТО, а НАТО ќе вклучи слична одредба во своите документи.

8. НАТО нема да распоредува трупи во Украина.

Самит на европските сојузници на Украина во Лондон/Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE ENA / POOL MAXPPP OUT

9. Европските борбени авиони ќе бидат стационирани во Полска.

10. Гаранции од САД: САД ќе добијат надомест за давање гаранции, кои ќе ги повлечат ако Украина ја нападне Русија. Ако Русија ја нападне Украина, санкциите ќе бидат обновени, а одлуката за признавање територии ќе биде преиспитана. Гранатирањето на Москва или Санкт Петербург без причина ќе ја лиши Украина од гаранции.

11. Украина има право на членство во ЕУ и ќе добие преференцијален пристап до европскиот пазар.

12. Планот за реконструкција на Украина вклучува: Фонд за развој на Украина за инвестиции во технологија и вештачка интелигенција, заедничка реконструкција и работење на гасната инфраструктура, реконструкција на оштетените области и градови, развој на инфраструктурата и посебен пакет од Светската банка.

13. Русија ќе биде реинтегрирана во глобалната економија, а санкциите ќе бидат укинати во фази. САД и Русија ќе потпишат договор за долгорочна економска соработка, а Русија ќе биде поканета повторно да се приклучи на Г8.

14. Замрзнати средства: 100 милијарди долари руски средства ќе бидат искористени за реконструкција на Украина, САД ќе добијат 50% од профитот, а Европа ќе додаде уште 100 милијарди долари.

15. Преостанатите руски замрзнати средства ќе бидат насочени кон инвестициски фонд САД-Русија, а ќе се формира работна група САД-Русија за следење на почитувањето на договорот.

16. Русија ќе ја зајакне својата политика на неагресија кон Европа и Украина.

17. САД и Русија ќе ги продолжат договорите за контрола на нуклеарно оружје, вклучувајќи го и СТАРТ I.

18. Украина го потврдува својот статус како држава без нуклеарно оружје.

19. Нуклеарната централа Запорожје ќе продолжи да работи под надзор на МААЕ, со производство поделено 50:50 помеѓу Русија и Украина.

20. Двете земји ќе спроведат програми за толеранција: Украина ќе ги усвои нормите на ЕУ за заштита на малцинствата, двете страни ќе ги укинат дискриминаторските мерки, а нацистичката идеологија ќе биде забранета.

Граница меѓу Полска и Украина / Фото EPA-EFE/Darek Delmanowicz

21. Територии: Крим, Донецк и Луганск ќе бидат признати де факто како руски и ќе бидат признати од САД. Во Херсон и Запорожје, фронтот е замрзнат по линијата на контакт. Русија се откажува од други територии надвор од овие пет региони. Украина ги повлекува своите сили од дел од Донецката област и таа територија ќе стане демилитаризирана тампон зона.

22. Ниту Украина ниту Руската Федерација нема да ги менуваат територијалните договори со сила.

23. Русија нема да се меша во користењето на Днепар и извозот на жито преку Црното Море.

24. Хуманитарна компонента: Размена „си за сите“, враќање на цивилните притвореници и децата, програма за повторно обединување на семејствата, мерки за помош на жртвите од конфликтот.

25. Украина ќе одржи избори за 100 дена.

26. Сите страни ќе добијат амнестија и ќе се откажат од идните барања.

27. Договорот ќе биде правно обврзувачки и ќе биде надгледуван од Мировен совет предводен од Доналд Трамп.

28. По потпишувањето на договорот, прекинот на огнот ќе стапи на сила веднаш.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот