Европска политичка заедница: Не е важно дали е „втора лига“, поважно е ние да бидеме во игра

Фото: Архива на „Слободен печат“

Ова веќе не е идеја само на Макрон, таа беше поддржана и од Шолц и мислам дека се отстранети прашањата дали треба да учествуваме. Ние како земја што се приклучи на надворешната политика на ЕУ, секако би требало да бидеме на масата, вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика

Премиерот Димитар Ковачевски е меѓу четириесет и двајцата шефови на држави и влади, кои добија официјални покани од претседателот на Европскиот совет и од Чешкото претседателство да учествуваат на првиот состанок на Европската политичка заедница (ЕПЗ) што ќе се одржи на 6 октомври во Прага. На состанокот ќе учествуваат 27-те земји членки на Унијата, Македонија, Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Норвешка, Србија, Швајцарија, Турција, Украина и Обединетото Кралство.

Според изјавите од Европската Унија, целта на ЕПЗ е да се создаде платформа за политичка координација за сите земји на широкиот европски континент, да им се овозможи да се координираат и да комуницираат за сите теми за кои имаат заеднички интерес за да се обезбедат стабилноста и безбедноста на континентот.

Кога претседателот Емануел Макрон за време на Француското претседателство со Советот на ЕУ го претстави неформалниот документ со кој се предлага формирање „европска политичка заедница“ до крајот на оваа година, отворена за сите европски земји што сакаат заедно да придонесат за безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент“, веднаш се отвори дилемата дали треба бидеме дел од таквата заедница.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски уште тогаш кажа дека поканата за членство во оваа заедница треба во целост да ја отфрлиме и, користејќи фудбалски жаргон, порача дека не треба да се задоволиме со „втора лига“, туку местото ни е директно во елитата. Односно, како што рече, „Македонија треба да биде во првата петорка, а не во втора лига“.

Премиерот и лидер на СДСМ Ковачевски тогаш беше прилично резервиран на оваа тема и рече дека членството во овој сојуз нема да ги развлече преговорите за влез во ЕУ, туку може да биде од полза за нас како држава со амбиции да стане дел од ЕУ.

Според Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика, Европската политичка заедница сè уште е проект во зародиш и чистите контури веројатно ќе се исцртаат во Прага на претстојниот состанокот што го организира Чешкото претседателство.

„Ова веќе не е идеја само на претседателот Макрон, таа беше поддржана и од германскиот канцелар Шолц и во тој контекст мислам дека се отстранети прашалниците во однос на тоа дали треба да учествуваме или не. Ние како земја што се приклучи на надворешната политика на ЕУ, секако би требало да бидеме на масата, иако, повторно ќе речам, не е сѐ уште јасно кои би биле директните придобивки што би ги имале од самиот проект“, изјави Кацарска за „Слободен печат“.

Според неа, ние како земја што пристапува во ЕУ мора да ги искористиме сите можности да бидеме на истата маса со лидерите на државите членки на Европската Унија, иако е легитимно да се поставуваат прашања дали дел од овие проекти би биле можеби некоја форма на замена, привремена или постојана во однос на членството во ЕУ, со оглед на продолжениот процес на пристапување што го имаме.

„Сепак, тука веројатно нашиот став, на целиот регион, би требало да биде во контекст на она што неколкупати го кажа Макрон, дека во контекст на Западниот Балкан ова не треба да се гледа како некаква алтернатива доколку се постави ова прашање“, додава Кацарска.

Експертите и дипломатите се едногласни дека целта на ЕПЗ не е да ги замени постојните организации, структури и процеси на ЕУ, и не планира да создава нови, па така, на крајот на самитот во Прага не се предвидени ниту формални декларации, ниту формални заклучоци.

Според најавите, на пленарната седница и на тркалезната маса на собирот ќе се разговара за безбедноста, енергијата, климата, економијата, миграцијата и за мобилноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот