Европа забранува употреба на гел лакови за нокти- биле канцерогени
Европската унија воведува забрана за еден од најпопуларните производи во козметиката – гел лаковите за нокти, кои ги користат илјадници девојки и жени секој месец. Од 1 септември, овие производи повеќе нема да бидат дозволени поради хемиската супстанца TPO, која се наоѓа во повеќето гел лакови, и која, според најновите студии, може да претставува сериозна закана за здравјето – вклучително и ризик од рак- пишува Блиц-рс.
Препорачано
Денес, многу жени не можат да го замислат животот без добро негувани нокти. Сепак, токму тие сјајни и шарени гел лакови, кои се достапни во речиси секој салон за убавина во Словенија, се најдоа под лупа на европските власти. Супстанцата TPO, која му овозможува на лакот да се стврдне под UV или LED светлина, е оценета како токсична за репродуктивното здравје, можен хормонски нарушувач, па дури и потенцијално канцерогена. Маникирите кои ги вдишуваат овие супстанции секој ден – и со години – се особено изложени.
Експертот за дерматологија Весна Тлакер објасни за 24ur дека ризиците од алергиски реакции биле познати и претходно, но сега постои растечка загриженост за долгорочните ефекти, особено кај тинејџерките и жените во репродуктивниот период.
„Хормоналните нарушувачи би можеле да влијаат на плодноста и развојот на фетусот – се разбира, не на позитивен начин“, предупредува таа.
Салоните за убавина имаат рок до 1 септември да ги повлечат производите што содржат TPO од употреба.
„Доколку имаме такви производи, ќе ги фрлиме“, вели сопственичката на салонот ManiPediSpa, Ирена Силиќ Торкар.
Сепак, многу салони дури сега дознале за оваа промена, бидејќи само членовите на занаетчиската комора добиле известувања.
„Не сум добила никакви предупредувања од добавувачот“, додава Торкар.


