Европа ги нотира робусните притисоци на премиерот врз правосудството
Интерпелациите не дават законска можност за разрешување на членовите на Судскиот совет, Европската комисија нотира дека тие де факто се политичко гласање за недоверба и „ризикуваат да ја поткопаат легитимноста и независноста на членовите на Советот“
Најавите на премиерот Христијан Мицкоски за „робусни акции“ против судиите и јавните обвинители, заканите за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, интерпелациите против членови на Судскиот совет, постапката што ја почна Владата против републичкиот јавен обвинител како и контроверзните измени на Кривичниот законик што не се сменети се најдоа во наводите во Годишниот извештај на Европската комисија за владеење на правото за 2025 година.
Препорачано
– Мешањето и притисокот од другите државни власти предизвикуваат сериозна загриженост во врска со почитувањето на судската независност. Иницијативите презентирани од Владата како цел за справување со корупцијата во голема мера се фокусираа на преземање „робусни мерки“ против судството, што во некои случаи предизвика сериозна загриженост во врска со почитувањето на независноста на судството и принципот на поделба на властите. Ова е особено случај во однос на најавите од највисоко владино ниво за плановите за „распуштање“ на Судскиот совет и Советот на обвинители. По јавните изјави од владини функционери што постојано повикуваа на разрешување на членовите на Судскиот совет, во март 2025 година, Парламентот гласаше за интерпелациите против петтемина членови на Судски совет – се вели во Извештајот.
Овие интерпелации не даваат законска можност за разрешување на членовите на Судскиот совет, Европската комисија нотира дека тие де факто се политичко гласање за недоверба и „ризикуваат да ја поткопаат легитимноста и независноста на членовите на Советот“.
– Судиите и обвинителите се соочуваат и со зголемен притисок од јавни кампањи за клевета, онлајн и во медиумите, вклучително и од високи функционери на извршната власт и политичари – пишува во Извештајот.
Во него се најде и оставката на поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, која како причина го наведе политичкиот притисок, а таму се најде и претресот на полицијата во Судскиот совет, една недела по оставката.
Неуставно е разрешување членови на Судскиот совет во Собранието
Се уште има последици од измените на КЗ
Постапката за разрешување на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, пак, како што пишува во Извештајот, ги откри недостатоците во правила за разрешување и ризик за политизација на постапката, односно сегашните основи што може да доведат до разрешување на главниот обвинител, вклучуваат широки дефиниции, како што е „несоодветно однесување што го нарушува угледот на јавното обвинителство“, што остава простор за правна несигурност и политизација на разрешување на главниот обвинител.
– На 26 март 2025 година, Владата објави дека ќе ја запре постапката за разрешување, истакнувајќи ја важноста да се обезбеди продолжување на работата на обвинителите по пожарот на 16 март во ноќен клуб во Кочани – пишува во Извештајот, но го во него го има и негативното мислење што го даде Советот на јавни обвинители за разрешувањето на Коцевски.
За Судскиот совет пишува дека транспарентноста е зголемена, но сè уште се спроведува недоследно, а Советот на јавни обвинители е оценет како помалку транспарентен.
– Покрај тоа, заинтересираните страни остануваат загрижени за недостигот на процес на селекција врз основа на заслуги – се наведува во Извештајот.
Таму се најде и критикуваниот избор на новата директорка на Академијата за судии и јавни обвинители Ирина Трајкоска Стрезоски, за чиј избор судијата Ненад Савески поднесе жалба во Управниот суд.
Последиците од Кривичниот законик што иако беа донесени во 2023 година и „уништија“ многу постапки против високи функционери, сè уште се чувствуваат, а и покрај најавите за негови измени, сè уште нема исход.
– Ефектот од измените на Кривичниот законик продолжува значително да ги поткопува напорите за борба против корупцијата, особено влијаејќи врз гонењето на случаи на корупција на високо ниво. Спроведувањето на изменетиот Кривичен законик продолжува да резултира со прекинување дополнителни тековни случаи, особено на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Неколку случаи мораа да бидат прекинати во фаза на истрага или суд, или затоа што застариле поради намалувањето на казните за кривичните дела или затоа што специфичните кривични дела биле отстранети од Кривичниот законик. Сепак, нема прецизни официјални податоци за тоа колку случаи на корупција се засегнати од овие измени – се наведува во Извештајот.
Со овие измени голем дел од случаите што ги водеше Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се префрлија во основните јавни обвинителства каде што „недоволната специјализација и недостатокот на ресурси може да го попречат ефикасното гонење на вакви кривични дела“. Пониските казни за сторителите на корупција и правната несигурност што ја предизвикаа измените, дополнително придонесоа за чувство на неказнивост. Измените имаат рок да се донесат до декемрви 2025 година.
Сомнежи за партизираност во разрешувањето на обвинителот
Во овој контекст од ЕК потсетуваат дека Уставниот суд донел одлука да се поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик во целина и дека му дал рок од шест месеци на Собранието за да ги коригира спорните законски одредби. Се посочува и дека Министерството за правда формирало работна група за подготовка на измени на постојниот Кривичен законик за справување со негативните влијанија од претходните измени, но и дека подготвува сеопфатен нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка.
Ограничените финансиските ресурси доделени на судството продолжуваат да влијаат на неговата финансиска автономија.
Иако недостигот на човечки ресурси делумно беше ублажен со нови вработувања, недостигот на кадар останува загрижувачки – се вели во Извештајот, факти за кои цело време апелира и републичкиот јавен обвинител.
Државната комисија за спречување корупција продолжува да се фокусира на превенција и институционална соработка, но е помалку активна во откривањето и пријавувањето наводни случаи на корупција, се вели за Комисијата чиј нов состав за сè се прогласи за ненадлежна, а претседателката Татјана Димитровска е осомничена.
– Заинтересираните страни изразија загриженост за целокупниот недостиг на проактивност на ДКСК во поведување случаи и во проверка на фактите на случаите кога таа ги истражува обвинувањата, што може да ја попречи нејзината ефикасност, особено бидејќи ДКСК често се потпира на медиумски извештаи за да идентификува можни случаи на корупција. Останува загриженоста во врска со ефикасната проверка на анкетните листови за имотот – се вели за ДКСК.
Како области особено подложни на ситна корупција се наведени јавното здравство, каде што има случаи на поткуп и злоупотреба, јавните набавки, а со загриженост се следат и тендерските процеси и државните договори.
За медиумите, наведени се проблемите со транспарентноста на медиумската сопственост, а работната средина на новинарите не е подобрена.
Според Извештајот, финансиската независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е подобрена, но именувањата нови членови во нејзиниот Совет сè уште се во тек. Саморегулаторниот Совет за етика во медиумите ги продолжува своите активности и покрај загриженоста за обезбедување долгорочно одржливо финансирање. Јавниот радиодифузен сервис се соочува со предизвици и покрај подобрувањата во финансирањето.
– Недостатоците во условите за работа на новинарите продолжуваат, особено краткорочните или договорите со скратено работно време без здравствено и социјално осигурување, неплатените прекувремени часови и ниските плати, што придонесуваат за самоцензура и влијание врз уредничката содржина од страна на сопствениците на медиумите – се наведува во Извештајот.


