Марта Кос, комесарка за проширување на ЕУ/Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Еврокомесарката Марта Кос е обвинета дека соработувала со југословенската тајна полиција

Комесарката за проширување на Европската Унија Марта Кос се соочува со нови притисоци и обвинувања дека соработувала со југословенската тајна полиција во 1980-тите, откако пратеничка на Европскиот парламент изјави дека има нови докази, пишува бриселскиот портал Политико.

Како што наведува порталот, најголемата политичка група во Европа не отстапува од барањата да има одржување специјално сослушување во Европскиот парламент за еврокомесарката за проширување Марта Кос, поради сомневањата дека таа во минатото соработувала со тајните служби во поранешна Југославија.

Кос ги отфрли тврдењата дека била поврзана со југословенските разузнавачки служби во 1980-тите, за време на нејзиното сослушување за потврда во Европскиот парламент во 2024 година. Сепак, обвинувањата повторно се актуализираа минатата недела, со поддршка од европратеник од Европската народна партија (ЕПП), политичкото семејство на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Засега кабинетот на Кос не одговори на барањето за коментар.

Од Европската комисија, пак, минатата недела изјавија дека Кос поминала „обемен и темелен процес на проверка“ пред да биде именувана за комесар. Функционер близок до нејзиниот кабинет, кој побара да остане анонимен поради чувствителноста на случајот, оцени дека станува збор за политички напад со цел влијание врз изборите кои треба да се одржат во Словенија.

Словенија излегува на избори во недела, на кои владејачката левичарско-либерална коалиција, на која претходно ѝ припаѓаше Кос, ќе се соочи со десничарската Словенечка демократска партија, членка на ЕПП. Според анкетите, опозициската партија во овој момент има предност.

Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, побара Кос да се појави на сослушување пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

„Прашањата што се отвораат во врска со европски комесар мора да добијат одговор во Европскиот парламент“, изјави Вебер во писмено соопштение доставено до словенечките медиуми.

„Затоа побаравме итно свикување вонредна седница на Комисијата за надворешни работи. Ова не е однапред донесена пресуда, туку Марта Кос мора да се појави и да одговори на прашањата, со цел да се зачува интегритетот и кредибилитетот на Европската комисија“, додаде тој.

Инаку, обвинувањата повторно се актуализираа откако словенечката европратеничка Романа Томц, потпретседателка на групата на ЕПП, минатата недела испрати писмо до Европската комисија во кое тврди дека постојат нови докази за наводна соработка на Кос со југословенските разузнавачки служби.

Во Европскиот парламент во Стразбур, Томц презентираше книга од словенечкиот автор Игор Омерза, која, според неа, содржи документи што го потврдуваат тоа.

Евентуалното сослушување би се одржало во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, со која претседава европратеникот Дејвид Мекалистер. Одлуката за одржување сослушување ја носат претседателот и координаторите на политичките групи.

Кос требаше да се обрати пред оваа комисија во понеделник, но го откажа своето учество, наведува бриселски Политико.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот