Евро 2024: Во Австрија ракометот стана попопуларен од скијањето
Неочекувано добрите резултати на Австрија го свртеа вниманието кон овој тим, откаде велат дека нивните постигнувања на ЕП 2024 сега се спортска вест број еден во замјата, дури и пред спустот во Кицбил
Австрискиот тим е вистински хит на Европското првенство во Германија. Австријците во третото коло од Главната фаза го забележаа првиот пораз на ова ЕП, не можејќи да и одолеат на силната Франција (28-33). Претходно Австрија во пет меча немаше ниеден пораз.
Препорачано
Никој не очекуваше од Австрија да влезе во Главната фаза, а сега се бори за полуфинале, во трка со Германија и Унгарија.
Овие неочекувани успеси го направија ракометот дури и попопуларен од алпското скијање, што е неоспорен спорт број еден во таа земја. Така барем велат во австрискиот тим. Ракометот ќе биде и попопуларен ако Австрија успее да влезе во полуфиналето, за што се уште има шанси во утрешното последно коло од Групата 1, во кое игра со Исланд, но мора да се поклопат и другите резултати.
– Кој очекуваше од нас дури и да ја минеме групата од првата фаза, во која беа и Хрватска и Шпанија? А сега ова? Како да не сме среќни кога играме на такво ниво пред публика од 20.000 луѓе? Се шегуваме дека сме сега спортска вест број еден во Австрија, дури и пред Кицбил (трката во спуст, веројатно најпознатата трка во алпското скијање н.з.)… – вели Никола Мариновиќ, познат поранешен ракометар, а сега тренер на голманите во австрискиот тим.
Се согласува и селекторот Алеш Пајович.
– Работам четири години да создадам ваква атмосфера. Среќен сум што ги гледам моите играчи да играат со срце, но исто така тактички добро. Лесно е кога победувате, но мора да бидете силни кога губите. Тешко е да се објасни, четири бода за Австрија во Главната фаза, неверојатно – вели Пајович.
Во Главната фаза Австријците играа реми со Германија 22-22 и ја совладаа Унгарија (30-22). Во првата фаза по групи овој тим изигра две реми средби со Хрватска (28-28) и со Шпанија (33-33), а ја совлада Романија (31-24).


