ЕУ со регулатива во борбата против родова дискриминација: Јавна објава на платите на мажи и жени на исти работни позиции

Фото: mia.mk

Европската Комисија (ЕК) планира да воведе регулатива со која поголемите компании во Европската Унија (ЕУ) ќе имаат обврска да објавуваат колкави се платите на мажите и жените кои работат за нив на истите работни места, со цел да се елиминира родовата дискриминација во однос на заработка.

Иако разликата во платите меѓу половите во ЕУ е намалена на 14 проценти во корист на мажите за истите работни места како и нивните колешки, ЕК сака да го отстрани тој диспаритет со воведување на конкретни прописи за објавување на нивоата на плати, а предлогот е заснован врз принципот „иста плата за иста работа”.

– Еднаквоста на платите бара транспарентност. Жените мора да знаат дали нивните работодавци се однесуваат фер кон нив, изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен за време на презентацијата на нацрт-регулативата.

Од основањето во 1957 година, ЕУ се обидува да „стави крај” на родовата пристрасност, но напредокот во оваа област е бавен со децении. Кога станува збор за пензиските права, кои ги рефлектираат условите за работа во изминатите 30 до 40 години, родовиот јаз сè уште е 30 проценти.

Условите и вреднувањето на работата на мажите и жените во Европа долго време беа обвиткани во тајност, што придонесе за продлабочување на нееднаквоста и се покажа како главна пречка за оние што бараат правда во однос на платите.

Потпретседателката на ЕУ, Вера Јурова вели дека компаниите не ја дале очекуваната помош за да се надмине тој јаз.

– Имаме доволно силни аргументи дека се потребни обврзувачки правила, а не само да се потпреме на општествената одговорност на претпријатијата, бидејќи гледаме дека тоа не води никаде, рече таа.

Јурова додаде дека во изминатите седум години, јазот е намален за нешто повеќе од два процентни поени.

– Можете да замислите, ако така продолжиме родовата еднаквост во платите ќе ја постигнеме дури за неколку децении. Затоа не можеме да продолжиме така, рече таа.

Според предлозите на Комисијата, работодавците треба да дадат информации за почетните нивоа на плата во огласот за вработување и пред интервјуто за работа, за време на кое нема да можат да ги прашуваат кандидатите за нивните претходни приходи.

Вработените ќе можат да ги прашаат работодавците за висината на просечната плата на жените и мажите кои работат иста работа.

За да се изврши поголем притисок врз големите компании, предложената регулатива предвидува воведување на обврска за компаниите со повеќе од 250 вработени да објавуваат информации за секоја разлика во платите меѓу половите.

Ако платите на жените продолжат да се потценуваат, работодавецот, според предлогот на Комисијата, ќе мора ретроактивно да им ја надомести разликата во приходите од нивните машки колеги, а во случај на судска постапка за нееднаква плата, товарот за докажување би бил на работодавците, а не на жените кои ќе тужат.

Европската конфедерација на синдикати ги пофали овие напори на Комисијата, но оцени дека на предлогот недостасуваат санкции што ќе ги принудат компаниите да преземат решителни мерки. Тие исто така негодуваат што малите и средни претпријатија, каде што честопати е присутна ваква дискриминација, се исклучени од овој вид обврски.

Предлогот на Комисијата сега оди на расправа во Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ за да може да се усвои.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот